Со лансирањето на првите 4K телевизори, стана исклучително важно тие да имаат HDMI 2.0 приклучок, за на нив да може да гледате 4K содржини со 60 слики во секунда, бидејќи претходниот HDMI 1.4 стандард поддржуваше само 30 слики во секунда. Ова беше многу важно за гледање спортски содржини, но гејмерите и натаму не беа задоволни. Затоа, HDMI форумот сега го претставува HDMI 2.1, кој ќе овозможи видео со 4K резолуција при импресивни 120 Hz, но и 10K резолуција.

10К резолуцијата во моментов и не е толку важна, бидејќи нема скоро ниту една содржина со резолуција од 10240х4320 пиксели. Она што е поважно е што HDMI 2.1 ќе биде компатибилен со скокот кон 8K резолуција и тоа при 60 Hz, а особено што ќе поддржува 120 Hz на 4K резолуција, што е одлична вест за гејмерите. Вкупниот проток на податоци на овој стандард е неверојатни 48 Gbit/s.

Покрај тоа што HDMI 2.1 ќе се користи за повисоки резолуции, ќе може да се искористи и за подобрување на целосниот квалитет на сликата, како на пример за подобрено HDR искуство, но и за подобар звук. Исто така, овој стандард ќе поддржува технологии со варијабилно подесување на освежувањето на сликата – Variable Refresh Rate и Quick Frame Transport, за помало сецкање и каснење на сликата при играње игри.

HDMI 2.1 веќе им е достапен на сите компании производители на уреди со HDMI 2.0 и е компатибилен со постарите технологии, но не очекувајте да видите нови телевизори или монитори со поддршка многу наскоро – тоа веројатно би се случило некаде наредната година.

Извор: Alphr, Engadget, HDMI

Претходна статијаGoogle развива софтвер кој ќе ги „посрамоти“ оние кои ѕиркаат во вашиот телефон отстрана
Следна статијаApple патентираше смартфон со свитлив дисплеј