Согласно најавите и очекувањата, Apple при крајот на вчерашниот ден според македонско време, ги пушти новите верзии од macOS и iPadOS. Првиот може да се каже дека доби редовна надградба, но iPadOS беше одложен пореди проблеми со една од главните новини кај системот, а требаше да биде пуштен заедно со iOS 16 минатиот месец.

Двата оперативни системи не добија огромни надградби, односно се работи за стандардно годишно „освежување“, но сепак како и секогаш, има по некоја новина која го прави ажурирањето на компјутерите вредно.

macOS Ventura добива неколку новини од кои како главна може да се истакне Stage Manager функцијата која ги организира отворените прозори и е одлична кога се работи со повеќе апликации во исто време.

Наместо апликациите да се поставуваат една врз друга или да се минимизираат при секоја промена, Stage Manager ги прикажува една по една и ги реди на левата страна од екранот во форма на мали „слики“. Со притискање на отворените апликации, се прикажува соодветната апликација, а претходната се поставува на левата страна од екранот.

Исто така доста корисно, апликациите, односно прозорите, може да се групираат и со неколку апликации, па дефинитивно Stage Manager е нешто што го прави macOS уникатен.

macOS Ventura ги добива и следните новини: Continuity Camera со што iPhone може да се користи безжично како веб камера на Mac, можност за продолжување на FaceTime повик на било кој уред, Passkey за најавување на сервисите и страните без користење на лозинки, споделување на групи на „табови“ во Safari, можност за закажување кога да се испрати имејл и други подобрувања кај Mail апликацијата, подобрувања кај Messages и повеќе.

Кај iPadOS 16, кој поради одложувањето е пуштен директно во 16.1 верзијата, исто така може да се каже дека Stage Manager е главната новина. Оваа функција доаѓа и со можноста iPad уредите да се поврзат на поголем монитор, па заедно со Stage Manager да се добие искуство кое наликува на тоа за компјутер.

iPadOS 16 исто така донесува подобрувања кај Mail и Messages апликациите, подобрувањата кај Safari, можност за споделување на фото албуми во Photos, како и конечно донесување на Weather апликација од iPhone кај iPad уредите и повеќе.

Двата оперативни системи се достапни како бесплатна надградба и веќе може да се инсталираат на компатибилните уреди.

Претходна статијаSamsung Galaxy Z Fold4 или Z Flip4 – Мал или голем телефон на преклоп – Кој е вашиот избор?
Следна статијаYouTube доби неколку новини кај корисничкиот интерфејс
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.