Од вчера вечер Apple официјално ја пушти финалната верзија од iOS 16 за сите корисници на iPhone, поточно за корисниците на iPhone 8 и понови верзии. Тоа значи дека сите кои сакаат да ја инсталираат оваа најнова верзија од оперативниот систем, веќе можат да отидат во Settings > General > Software Update, каде ќе им биде понудена инсталацијата на iOS 16.

Главната новина кај iOS 16 е екранот кога телефонот е заклучен, односно „заклучениот екран“. Тука Apple донесе веќе одамна потребни новини со што го направи овој дел многу повеќе корисен и прилагодлив.

На „заклучениот екран“ корисниците сега ќе можат да поставуваат „виџети“ кои може да се каже дека потсетуваат на тие од Apple Watch. Виџетите се во форма на мали кругчиња, а има и нешто поголеми каде се достапни нешто повеќе информации.

Овие виџети се поставуваат под часовникот, а достапно е и прилагодување со помали виџети над часовникот. Известувањата исто така се поместени подолу на екранот, па горниот и прилагодлив дел останува за корисниците да го направат баш нивни.

Виџетите кои се достапни прикажуваат информации за временската прогноза, календарот, вежбањето, а постепено ќе почнат да стануваат достапни и виџети од трети страни, Google веќе ги најави своите од Search, Maps, Chrome и слично.

Часовникот сега може да се прилагодува со различни бои, а можеби најинтересна е можноста бојата да биде преземена од позадината. Покрај боите, за часовникот се достапни и различни фонтови, со што навистина се добива уникатно прилагоден екран.

Една од поинтересните новини кај „заклучениот екран“ е можноста да поставената позадина го покрие делумно часовникот. Тоа се прави автоматски доколку се избере слика која кај часовникот има дел кој може да се искористи за овој ефект, а исто така не треба да бидат поставени виџети.

Корисниците можат да прилагодуваат повеќе вакви екрани, сите со посебни слики, виџети и слично, а исто така овие екрани можат да се поврзат со Focus режимите, па со избор на некој екран, автоматски да се вклучи и одреден Focus.

Од останатите новини би ги издвоиле следните:

  • Можност за бришење на испратена порака во Messages, како и измена на испратените пораки во рок од 15 минути и можност за ознака на пораките како непрочитани
  • Можност за закажување на пораки преку Email апликацијата, откажување на испраќањето и слично
  • Споделување на група на табови во Safari со пријателите, како и новата можност за најава на сервиси без користење на лозинка преку Passkey
  • Споделување на албум со слики кој потоа ќе може да се дополнува од сите страни (оваа новина ќе дојде нешто подоцна)

Apple има направено детална листа на сите новини кај iOS 16, па истата можете да ја погледнете на оваа страна.

Инаку, iOS 16 беше достапен за обичните корисници во бета форма, па доколку ја имавте инсталирано бета верзијата и од денеска, па натаму не сакате да добивате бета надградби, треба да го избришете бета профилот кој се наоѓа во Settings > General > VPN & Device Management.

Претходна статијаСо купување на Samsung паметни телефони ве очекува феноменален подарок
Следна статијаИТ настан: Заштитете ја приватноста – кога сајбер безбедноста е важна
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.