Apple вчера ја одржа својата WWDC 2022 конференција и на истата ги претстави повеќето очекувани новини кои беа дел од неофицијални извори изминатите недели и месеци.

iOS 16 беше претставен и доби доста новини кои иако целиот систем не доби редизајн, сепак направија да заслужено носи целосно нова бројка на верзијата.

Главната и најголема новина, која очекувавме да биде претставена е промената кај екранот кога е заклучен телефонот, односно „заклучениот екран“. Во овој дел може да се каже дека се направени најмногу промени досега, па дури и на моменти личи како да не е на iPhone.

Заклучениот екран сега ќе прикажува „виџети“, но наместо во посебен дел на левата страна, на самата позадина и ќе се гледаат веднаш штом ќе се вклучи телефонот. Овие нови виџети се инспирирани од Apple Watch, истакнуваат од Apple и ќе се прикажуваат веднаш под часовникот. За разлика од досегашните виџети на iOS, овие ќе бидат помали, односно точно прилагодени да ги има по неколку во еден ред под часовникот.

Часовникот исто така добива промени, па корисниците сега ќе може да избираат од неколку различни негови стилови, со промена на буквите, нивниот дизајн и слично. Исто како на Apple Watch, доколку се избере сликата од човек, на пример од корисникот часовникот ќе може да се прикажува како да е зад сликата, односно дел од него.

„Заклучениот екран“ ќе може да се прилагодува и со избирање на различни слики, а во случајот со временската прогноза, истата ќе може да се користи како позадина и подобро да ги прикажува временските услови.

Корисниците ќе можат да направат повеќе екрани во овој дел, па да ги менуваат по потреба, односно повторно „позајмен“ стил од Apple Watch.

Известувањата не добиваат некоја поголема промена како што се очекуваше, односно тие ќе продолжат исто да бидат групирани и слично, но поразлично ќе се прикажуваат на „заклучениот екран“. Наместо цело време да се гледаат на целиот екран, тие сега ќе бидат во долниот дел, со што акцентот ќе биде ставен на новиот стил на овој дел. Кога корисникот ќе сака да ги види известувањата, ќе може да ги зголеми, а тие исто така може да бидат и целосно „сокриени“ и да се пристапува до нив со притискање на копче.

Уште една новина добива овој дел, а истата е наречена „Live Activities“. Во основа, во долниот дел од екранот, ќе може да се прикажуваат информации во живо, односно резултати од натпревари кои моментално се играат и слично.

Втора поголема новина која доаѓа со iOS 16, а исто така беше најавена е кај Messages апликацијата. Оваа апликација добива неколку новини кои корисниците се веќе одамна навикнати да ги имаат на другите апликации како Messenger. Корисниците преку Messages сега ќе можат да прават промена на испратените пораки, ќе можат целосно да ги избришат, ќе можат да ги означат како непрочитани и слично.

Подобрување добива и Spotlight, функција која сега ќе прикажува повеќе и посложени резултати од пребарувањата, а до истата ќе може да се стигне и директно преку главниот екран во ново посебно копче поставено на него.

Focus функцијата исто така добива нови можности, односно дополнителен избор за тоа кои известувањата можат да поминат, од кои корисници и од кои апликации. Корисниците ќе можат точно да изберат од кои луѓе и апликации би сакале или не да добиваат известувања.

Листата на новини кај iOS 16 е голема, а ова се само дел и најважните кои беа претставени. За целосната листа на новини можете да ја погледнете оваа страна.

Претходна статијаApple денеска ја одржува својата WWDC 2022 конференција со почеток во 19 часот
Следна статијаiPadOS 16 донесува нов начин на работа со повеќе апликации
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.