YouTube од оваа недела пушти неколку новини кои иако мали, се доста добредојдени и ќе го подобрат корисничкото искуство. Новините се пуштаат како дел од мобилните апликации, а дел од нив се достапни и преку веб страната на сервисот.

Најубавата новина која станува дел од YouTube е наречена Ambient Mode. Истата во основа додава ефект околу видеото, со боите и светлината кои се дел од него. Со ова се добива ефект како кај телевизорите, истакнуваат од компанијата, кога во темна простори светлината се проширува околу уредот.

За да се користи оваа новина корисникот треба да ја има вклучено темната тема на апликацијата или на веб, а истата може и да се исклучи доколку на некого не му се допаѓа.

Кога сме кај темната тема, истата сега ќе биде вистински црна, а не како досега темно сива. Со тоа акцентот навистина ќе биде ставен на содржината која се гледа, па заедно со новиот Ambient Mode, овие не толку големи промени, ќе направат доста голема разлика.

YouTube добива промена во изгледот и во делот на „плејлистите“ на корисниците. Промената не е голема, но доволна за и овој дел да изгледа подобро. Најочигледен е додатокот на поголем простор за делот каде е името на листата, како и слика извадена од видеата кои се дел од неа.

Промени може да се забележат и кај копчињата околу видеата, па линковите во видео описот сега ќе бидат во форма на копче, а редизајнирани се и копчињата за лајк, споделување и симнување на видеата. Со ова тие треба да станат нешто подискретни и со тоа акцентот да биде поголем на видеото кое се гледа.

На ова треба да се додаде и промената на копчето за претплата на каналот, како и како тоа се прикажува кога се гледа видео од веќе претплатен канал.

Две новини не се поврзани со корисничкиот интерфејс, односно се функции кои се поврзани директно со можностите при гледање. Двете беа дел од тест достапен на Premium корисниците, а сега им стануваат достапни на сите корисници.

Едната новина овозможува зимурање на видеото со повлекување со два прста, односно како што се зумираат сликите на мобилните, а другата овозможува подетално менување на позицијата во видеото.

ИЗВОРYouTube
Претходна статијаОфицијално достапни macOS Ventura и iPadOS 16
Следна статијаApple ја пушти iOS 16.1 надградбата за сите корисници на iPhone
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.