Краткиот живот на еден гениј

За неколку дена (на 11 јануари) ќе навршат две години од смртта на Аарон Шварц, интернет активист и борец за човекови права, кој си го одзеде животот после долга и макотрпна борба со судскиот систем на САД. Шварц беше дете-гениј, кој уште од 14 годишна возраст беше вмешан во проекти кои ја обликуваа архитектурата на интернетот каков што го уживаме денес.

Тој учествуваше во развојот на RSS, помогна во основањето на Reddit, а соработуваше и со тимот кој ја создаде „Creative Commons“ платформата за слободно споделување на содржини. Тој дури беше и еден од предводниците во борбата против драконскиот закон SOPA (Stop Online Piracy Act) кој беше повлечен по огромниот бунт од пошироката интернет заедница и стотици илјади американски граѓани кои излегоа на улиците да протестираат против неговото усвојување. Во видеото подолу Аарон објаснува како било спречено донесувањето на овој закон.

Борбата против SOPA подоцна послужи и како пример за следење во успешната борба против рестриктивниот ACTA (предлог закон сличен на SOPA) на европско тло. Аарон беше жесток поборник за отворен пристап до информации и знаење (ја има создадено get.info, онлајн енциклопедија слична на Википедија, пред Википедија воопшто да биде креирана), а тоа во комбинација со неговиот отпор кон авторитет, му донесе многу проблеми подоцна во неговиот живот. Тој помогна да се извадат милиони документи од “PACER,” електронски систем кој ги содржи сите судски пресуди, записници од рочишта и правни мислења во САД, бидејќи сопствениците на системот одлучиле да наплаќаат за секоја пресуда. Иако избегна да биде обвинет, со овој негов „подвиг“, Аарон се најде на „радарот“ на америчките власти.

Кобниот потег

Токму желбата за отворен пристап до информации за јавноста го натера Аарон во 2010 година да го поврзе својот лаптоп со мрежата на МИТ, кој е претплатен на JSTOR (една од најголемите дигитални датабази на научни списанија во светот) со што почна да „симнува“ масовен број на академски текстови од платформaта на JSTOR. МИТ успеа да го „улови“ Аарон преку поставените безбедносни камери што пак доведе до неговото апсење. Овој негов (на крајот кобен) потег го навлече и гневот на америчките обвинители, кои го вовлекоа во мултимилионски судски спор со закана од 35-годишна казна затвор. Овој спор толку многу го потишти Аарон што тој излезот го видел единствено во одземањето на својот (само 26-годишен) живот, наместо да гние по затвори затрупан во долгови.

Желбата за поголема интернет слобода и отворениот пристап до целокупното човечко знаење за јавноста беа главните водилки во животот на Аарон. Сепак, властите на САД не размислуваа на истиот начин. Тие неговите постапки ги осудија како кривични дела, обвинувајќи го за кражба на документи. Државниот адвокат Кармен М. Ортиз своевремено изјави:

“Кражба е кражба, без разлика дали користите компјутерски команди или хебла, и дали ќе преземете документи, податоци или долари. Еднакво е штетно за жртвата дали ќе го продадете или предадете она што сте го украле.”

Да потсетиме, во случајот со Шварц, се работи за „кражба“ на документи, кои по преземањето, не исчезнуваат магично од првичниот извор од кај што се преземени (документите не можат да бидат украдени!). Шварц несомнено неовластено упадна во приватен имот и (во недостиг од побениген термин) злоупотреби приватна сопственост, без разлика од кои причини го сторил истото, иако мој личен став е дека го сторил за цивилизациски цели.

Поради тоа, очекувано е тој да се соочи со правна одговорност за ваквите постапки. Но, непропорционалноста на обвинувањата товарени против него само покажаа дека задоволувањето на правдата не беше примарната цел од која се раководеа тамошните власти. Да беше навистина така, Аарон веројатно сè уште ќе беше жив. Наместо тоа, тој послужи како жртвено јагне и преку него беше испратена порака до целата интернет заедница дека таквите и слични постапки нема да бидат толерирани и ќе бидат брутално казнети.

Наследството на Аарон

Џек Андрака е 16 годишен средношколец од САД. Џек неодамна смисли метод за рано детектирање на рак на белите дробови, јајници и на панкреасот. Овој метод е сличен на лентите за тестирање на дијабетес, а за негово спроведување е потребна само една капка крв, а тестот чини 3 центи. Ваквиот метод не само што е еден од најевтините медицински тестови некогаш смислени, туку и еден од најефективните, со оглед на тоа што ваквиот рак обично се открива во подоцнежната фаза. Младиот Џек успеа да го постигне за помалку од една година она што светските научници се обидуваат да го сторат со децении. Делумно заслужен за тоа е токму Аарон Шварц.

Имено, Џек го пронашол својот изум преку истражување на јавно отворени научни написи “Ги користам религиозно,” вели тој и продолжува “Од причина што, во повеќето онлајн бази на податоци, една статија чини околу 35$ и содржи само околу 10 страници. ”

Тој е свесен за влијанието на Шварц врз зголеменоста на бројот на отворени академски истражувања за пошироката јавност “Верувам дека неговите постапки беа воглавно оправдани“, Андрака рече: “Јавноста финансира голем број од овие истражувања. Истите не треба да бидат скриени од нив.”

Аронов Закон

Во 2013 година, Zoe Lofgren и сенаторот Ron Wyden го предложија усвојувањето на т.н. „Аронов закон (Aaron’s Law)“, со кој ќе се реформира веќе застарениот закон донесен во 1984 година (Computer Fraud and Abuse Act) врз основа на кој беа покренати обвиненијата против Аарон. Законот уште не е поминат во Конгресот на САД, но е чекор напред кон модернизирање на „античките“ текстови кои се примарни правни акти со кои се регулира областа која го доживеа својот подем на крајот на 1990-те години.

Аарон Шварц ќе остане запаметен како бескомпромисен борец за поголема слобода, воден од своите идеали за подобар свет, свет во кој отворениот пристап до информации ќе им дозволи на личности како Џек Андрака слободно и непречено да иновираат и да го надоградуваат постоечкото знаење. Неговото прерано заминување е трагично, но и покрај краткиот живот, неговото влијание ќе се чувствува со генерации во иднина.

Претходна статијаПовеќе информации за Spartan, новиот прелистувач на кој што работи Microsoft
Следна статијаBMW го прикажа нивниот концепт за фарови во идните модели составен од ласери и OLED технологија