223px-Internet_Explorer_10_logo.svg

После вчерашните неофицијални слики, од се’ уште неофицијалниот нов прелистувач на кој што работи Microsoft, од Neowin, информации објави и познатиот портал The Verge. Доколку се земе во предвид од колку страни доаѓаат овие информации, како и досегашното искуство, со сигурност може да се каже дека од компанијата работат на нешто ново. Останува само прашањето дали тие работат на целосно нов прелистувач или ќе го задржат Internet Explorer брендот и ќе продолжат со него.

Од The Verge тврдат дека имаат информации од луѓе во Microsoft, нивни неофицијални извори, па пренесуваат што може да се очекува од Spartan, односно како и да биде наречен кога ќе биде пуштен. Некои од функциите на прелистувачот се најавени како ексклузивни за него, односно тие не се достапни кај конкурентите.

Главната промена, спомената повеќе пати, е поедноставувањето на прелистувачот кој што ќе продолжи да ги користи технологиите од Microsoft. Тој ќе има едноставен кориснички интерфејс, а треба да бидат достапни и многу корисните додатоци кои што го прават прелистувачот корисен според различните потреби на корисниците.

Од функциите кои што треба да ги има Spartan, се издвојуваат неколку. Прелистувачот треба да има можност за правење белешки директно на веб страните, целосно или дел од нив. Овие белешки ќе можат да се зачуваат во OneDrive, односно на нова веб страна за овој сервис. Белешките ќе можат да бидат споделувани со други корисници, а на нив ќе можат и тие да работат, односно да допишуваат свои белешки.

Во Spartan исто така треба да биде интегрирана Cortana која што ќе го замени Bing како првото истакнато место за пребарување. Поради можноста на Cortana да следи одредени летови, на пример, при пребарување на интернет за поврзани информации, истите ќе биде заедно прикажувани.

Прелистувачот исто така треба да добие можност за групирање на различните табови кои што корисниците ги имаат отворено. Ваква можност веќе има во Firefox, меѓутоа ќе видиме дали се работи за нешто различно.

Според информациите, Spartan ќе биде достапен преку продавницата за апликации, но на почетокот нема да биде универзална апликација. Тоа значи дека ќе биде достапна посебна верзија за десктоп и за останатите корисници, односно корисниците на таблет компјутери и мобилни телефони. Функциите и изгледот сепак ќе бидат заедно надградувани и одржувани, па прелистувачот ќе биде ист без разлика на уредот.

Како и за другите информации, Microsoft нема дадено официјална потврда или било каква друга информација, па останува претпоставката дека тие ќе кажат нешто повеќе на настанот на 21-ви Јануари.

Извор: The Verge

Претходна статијаLG и Audi претставија паметен часовник кој работи на webOS
Следна статијаНаследството на Аарон Шварц
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.