Apple беа приморани да дозволат инсталација на апликации надвор од App Store за првпат од претставувањето на iPhone. Оваа обврска е дел од новите европски закони, веќе познати на повеќето, а сега ја имаме и првата таква апликација за корисниците во Европската Унија.

Апликацијата е наречена AltStore PAL и истата не е нова, односно достапна е неколку години, но корисниците требаше да „се помачат“ малку за да ја инсталираат. Сега истата функционира и им е достапна на корисниците официјално, а при инсталација Apple се има погрижено дека ќе добиете доволно предупредувања за можните ризици.

AltStore PAL чини 1,5 долари годишно, а тоа е сумата која Apple реши да ја наплаќа за апликациите според новите правила. Програмерите во оваа продавница треба самите да ги „хостираат“ нивните апликации, па може да се каже дека истата има доста различен начин на функционирање.

Корисниците ќе имаат можност да додаваат листи со апликации од различни програмери, па оваа продавница изгледа ќе биде добар извор на досега „забранети“ апликации од страна на Apple.

AltStore PAL уште од самиот почеток доаѓа со една таква апликација, а тоа е Clip, апликација за менаџирање на копираните работи во системот. Apple не дозволува вакви апликации, па реално сега корисниците ќе треба да внимаваат дали им веруваат на алтернативните апликации со нивните податоци.

Продавницата доаѓа со уште една апликација, а тоа е Delta, емулатор кој на корисниците им овозможува играње на игри од NES, SNES, Nintendo 64, Game Boy и слично.

Ваквите апликации стануваат достапни во целиот свет, а Apple овозможи после долго време да сепак може да се инсталираат емулатори.

ИЗВОРThe Verge
Претходна статијаКараванот „Не е до нив, до тебе е“ во недела доаѓа во Градски парк на Школка
Следна статија„Макпетрол“ најпосакуван работодавач помеѓу нафтените компании за 2023 година
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.