surface-aio

Microsoft направи вистински бум со претставувањето на Surface Pro 4 и Surface Book лани, па логично е да очекуваме тоа повторно да го направат со новите генерации на овие уреди, а овој пат најверојатно ќе им се придружи и десктоп „се во едно“ компјутер, кој ќе конкурира директно на iMac компјутерите.

Прво, веројатно најважна надградба ќе биде подобрувањето на „шарката“ на која се сместува таблетот на тастатурата кај Surface Book 2. Овој пат, според информациите, со затворањето на лаптопот дисплејот целосно ќе легне на тастатурата, односно нема да има дупка меѓу нив. Ова веројатно и не е голем проблем кај актуелниот модел, но купувачите не го сакаат претерано многу, бидејќи на прв поглед навистина изгледа како недостаток.

untitled copy

„Се во едно“ компјутерот пак најверојатно ќе доаѓа во три големини – 21 инчен со Full HD дисплеј и 24, односно 27 инчен со 4K дисплеј. Детали за овие компјутери нема, но со оглед на тоа што досега ни го има претставено Surface тимот, може да се очекува нешто поразлично од истите вакви компјутери на другите производители. Во едно сум сигурен – дисплеите ќе бидат на допир и дизајнот ќе го следи оној на Surface Book.

За Surface Pro 5 информации сѐ уште нема, но тој сигурно ќе биде претставен (сепак е убедливо најпродаван модел во гамата) и сигурно ќе доаѓа со новите Kaby Lake процесори на Intel. Со овие чипови ќе бидат опремени и сите останати Surface модели кои ќе бидат претставени годинава. Да, според најавите Microsoft ги спрема овие уреди за оваа есен, иако пред некое време имаше информации дека тоа ќе се случи на почетокот од 2017 година, заедно со Redstone 2 надградбата. Сепак, за ова веројатно ќе треба да почекаме за официјална информација од Microsoft.

За жал, овој пат немаме информации за Surface Phone, но треба да бидеме среќни што воопшто и имаме некои информации – лани апсолутно никој (надвор од Microsoft) не знаеше дека ќе биде претставен иновативниот Surface Book. Хардвер дивизијата на Microsoft дефинитивно знае да се заштити од протекување на информациите…

Извор: Windows Central, TechnoBuffalo, Pocketnow

Претходна статијаПрвите патенти за „автомобил“ од Apple изгледаат како тенк
Следна статијаМакедонските каратистки ќе се борат за бронзениот медал на Светското универзитетско првенство во Португалија