samsung-10-nanometer-ram-2016-04-05-01

Веќе неколку пати зборувавме за тоа дека главниот напредок во брзината кај компјутерските компоненти се постигнува со намалување на големината на транзисторите. Samsung е првиот производител кој преминува на транзистори од 10 нанометри кај рам мемориите, кои ќе ги вградува во своите нови DRAM плочки.

Гамата на DDR4 рам мемории ќе биде составена од модели за лаптопи, за десктоп и за серверските компјутери, со капацитети од 4 до фантастични 128 GB, а Samsung ветува и ваков рам за смартфоните до крајот на годинава.

Сепак, тука главен напредок не е капацитетот, туку самата брзина на рам меморијата, која кај овие плочки е повисока за 30%, како и потрошувачката на енергија, која е пониска за 20% во однос на претходните модели со транзистори од 20 нанометри.

Самата големина на транзисторите сепак варира од 10 до 19 nm кај овие модели, затоа и во нивното име има “10 nm Class”, што ја означува најмалата можна големина. Не дека ова ја намалува значајноста во технологијата на новите рам плочки, но вреди да се знае.

Можноста да вгради толку мали транзистори Samsung ја има постигнато преку користење на “quadruple patterning technology”, која за прв пат беше искористена во производството на SSD дискови со транзистори од 10 нанометри и која вклучува повеќекратна литографска изложеност на чиповите со цел зголемување на нивната густина на транзисторите. Поточно, новите рам плочки на Samsung ќе имаат преку 8 милијарди ќелии. Импресивно.

Но, што значи ова за вашиот компјутер? Брзината на рам меморијата не може да се забележи во секојдневното користење, но може да направи разлика при играње и користење на софтвери за графичка обработка, каде бавниот рам често може да биде главен фактор за забавување на работата.

Извор: Engadget, Digital Trends, Slash Gear

Претходна статијаНовиот Apple Campus 2 почнува да го добива својот изглед
Следна статијаHP Spectre 13 е најтенкиот лаптоп на светот со дебелина од само 10,4 милиметри