screenshot-2015-06-01-23.48.23-100588572-large

Сите кои последниве неколку години го следат развојот на процесорите за поголемите компјутери, како лаптопите и десктоп машините, знаат дека битката ја водат два производители, Intel и AMD. Првиот веќе неколку години доминира на пазарот, пред се благодарение на помоќните процесори, но со многу послаба вградена графика.

Отсега, Intel ветува дека таа разлика драматично ќе се намали и дека подобрената Broadwell серија на чипови, со наставката H, ќе има скоро дупло подобри графички перформанси од своите претходници. Имено, за прв пат во чиповите од i-серијата на Intel, ќе биде вградена помоќната Iris Pro графика, која досега беше наменета само за најмоќните модели.

Секако, од хардверскиот гигант ветуваат дека ќе има и подобрувања во перформансите на самите процесори, но сепак вистинската разлика е во перформансите на Iris Pro 6200 вградената графика.

Подобрувањата ќе се почувствуваат кај моделите наменети и за лаптопите и за десктоп машините. Главната предност ќе биде можноста за помазна репродукција и декодирање на Ultra HD видеата, но и генерални подобрувања во гејминг перформансите и при работењето со софтвер за 3D анимации и слично.

intelbroadwell-h-gaming-100588565-large

Според Intel, на пример, новиот Core i7 5775C процесор, споредено со претходникот Core i7 4790S, има два пати подобри перформанси во 3D графиката, 35% подобри перформанси при видео конверзија и 20% подобрувања во перформансите на процесорот.

Broadwell-H серијата на Intel е сепак само најава за она што следува наредната година, а тоа се новите Skylake процесори, кои треба да бидат голем скок во однос на сите свои претходници, особено кај преносните компјутери.

Intel веќе претстави неколку референтни модели на супер тенки 4K таблети со големини од преку 20 инчи, кои имаат перформанси како i-серијата, но без потреба од ладење, што во превод значи дека ќе се употребуваат во уреди со многу помали димензии, со најава дека ќе може да се употребат дури и во смартфоните!

Извор: PC World, PC Mag

Претходна статијаSoundHound претстави сопствен персонален асистент наречен Hound
Следна статијаГласајте за најдоброто македонско IoT решение на конкурсот Business Wall of Fame