LG-OLED-paper-thin

Ако мислите дека денешните LCD и LED телевизори се тенки, размислете повторно. LG претстави нов OLED панел, кој е буквално дебел колку тапетот на ѕидовите и може без проблем да се прикачи на ѕидот само преку магнети, а поради многу ниската маса.

Панелот има дијагонала од 55 инчи и тежи само 1,9 килограми, што е помалку и од помалите лаптопи. Поради тоа, лесно може да се прикачи на магнетните држачи на ѕидот, а доколку сакате да го преместите во друга соба, како во спалната на пример, буквално може да го одлепите, бидејќи е лесно свитлив.

Се ова е овозможено благодарение на OLED технологијата, која во наредните неколку години се очекува целосно да ја замени LCD и LED технологијата на панелите. Нејзините предности се многу поживи бои, поширок агол на гледање и многу повисок контраст, како и можност за многу потенки панели и пониска потрошувачка на енергија.

OLED дисплеите можат и многу лесно да се виткаат, што овозможува подобрена видливост во најразлични сценарија на гледање. На пример, доколку сте поблизу до телевизорот, можете повеќе да го свиткате, за да имате чувство на опкруженост, а доколку пак повеќе луѓе гледате заедно, можете целосно да го исправите.

Моментално, единствен недостаток на OLED панелите во однос на конкурентните технологии е многу повисоката цена, која за иста големина и резолуција, може да биде и три пати повисока.

Панелот на LG до дебелина помала од 1 mm засега е само за да се покаже што може и што знае производителот на електронска опрема и не се планира лансирање на пазарот во блиска иднина. Поточно се работи за приказ на концепт за тоа какви ќе бидат телевизорите во иднина.

Извор: Engadget, Cnet

Претходна статијаНадградбата на Windows 10 ќе биде бесплатна само првата година
Следна статијаYouTube со поддршка за 60fps стриминг во живо на HTML5 плеерот