Веќе пишувавме за можноста да го надградите вашиот компјутер од Windows 7 и 8.1 на Windows 10, но спомнавме дека тоа ќе може да се направи само првата година по лансирањето. После тоа, надградбата ќе се плаќа, а истото важи и за оние кои сакаат да инсталираат свеж Windows 10 на нов компјутер.
Зборовите на Алекс Снелсон, маркетинг менаџер на Microsoft Australia најдобро го потврдуваат тоа: „Microsoft ќе понуди бесплатна надградба на Windows 10 за квалификуваните Windows 7, Windows 8 и Windows 8.1 уреди во првата година. После првата година, надградбите ќе се плаќаат како спакувани продукти и VL надградби“.
Ова значи дека понудата за бесплатна надградба ќе важи само за првата година од постоењето на Windows 10, односно до крајот на летото наредната година. Но, навистина, зошто би чекале цела година за надградба? Веројатно не е толку тешка одлуката да се инсталира нов оперативен систем.
Исто така, за надградбата ќе треба да платат и оние со нелегализиран Windows (7, 8 и 8.1), иако тоа ќе бидат посебни, поевтини понуди, што е одлична вест за нашите корисници на нелиценцирани Windows компјутери.
Сите заинтересирани за новиот оперативен систем на Microsoft, можат уште сега да ја симнат тест верзијата, која скоро секоја недела добива нови надградби и подобрувања. Windows 10 ќе биде и првиот оперативен систем во светот кој ќе работи на скоро сите паметни уреди што ги користиме денес.
Извор: PC World