16000911555_5509e3e1bd_o

Бетонот како материјал за создавање на цврсти градби се користи илјадници години од човековата цивилизација. Дури и старите Римјани го користеле интензивно за конструкција на нивните градби, па до ден денешен остануваат најразлични градби кои сведочат за нивното ѕидарство, како на пример, Пантеонот или Колосеумот.

Римјаните немале концепт за ојакнување на бетонот со помош на метална конструкција, па го јакнеле со помош на камчиња и друг ситен материјал кој сепак не бил доволно силен да се конструираат уште поголеми градби. Од друга страна, дури и денешниот бетон се распаѓа после некое време под влијание на разни временски услови или амортизација, со тоа што најчесто пука на некои места и тоа не изгледа баш најдобро, а воедно ја губи својата функција.

Биологот Хедрик Јонкер се обидувал да сфати како телото ги лечи пукнатините и скршениците на коските преку минерализација, и му текнало дека истиот концепт може да се искористи за да се создаде самопоправачки бетон. Тој почнал да тестира два типа на бактерии, Bacillus pseudofirmus и Sporosarcina pasteurii, кои во допир со вода се активираат и користат калциум лактат како извор за храна. При овој процес на нивно хранење исфрлаат варовник кој пак може да се користи за поправање на бетонот.

Неговата идеја ја остварил преку сместување на мали капсули во бетонот кои би чувале бактерии во хибернативна состојба (а овие бактерии можат да издржат до 200 години во истата), а кога ќе дојдат во допир со вода поради развивањето на пукнатини во бетонот, да почнат со своите физиолошки процеси и да го „поправат“ бетонот со варовник. За овој пронајдок тој бил избран за финалист за Европската награда за изумителство во 2015 година. Се` уште не се знае дали пронашол подобар начин за лечење на повредените коски. Сепак, ваквиот пронајдок е доволен за да го револуционизира користењето на бетонот и човековото создавање на цврсти и издржливи градби.

Извор: IFLScience, PopSci

Претходна статијаКако технологијата влијае на човековиот опсег на внимание
Следна статијаНадградбата на Windows 10 ќе биде бесплатна само првата година