short-attention-span

Додека го читате овој текст ви титка телефонот со некакви известувања, во позадина слушате песна од YouTube, а од телевизорот доаѓа нешто трето… Не е ни чудно што младите луѓе денес немаат скоро никаков капацитет да држат внимание, за кое сепак ние сме си самите криви.

Според студијата на Microsoft во 2013 година направена врз канадски државјани, просечниот човеков опсег на внимание од 2000 до 2013 година се намалил за цели 33% – од 12 секунди на 8 секунди. За споредба, златните рипки имаат опсег на внимание од 9 секунди, што значи дека просечниот човек во студијата на Microsoft имал помал капацитет да се сконцентрира на една работа од една обична златна рипка.

Истражувачите од Microsoft ја извеле студијата преку користење на таканаречените Солбергов и Матиров модел за анализа на вниманието кои овозможуваат мерливи резултати изразени во единица време (секунди). Тие ги анализирале следниве три феномена: одржано внимание (продолжен фокус), селективно внимание (држење на фокус без разлика на работи кои го одвлекуваа вниманиети), и менувачко внимание (префрлање на внимание меѓу различни задачи или стимули). Студијата е направена врз 200 луѓе со примена на ЕЕГ скен на 112 доброволци.

Тоа што го увиделе истражувачите е дека фокусот на една работа драматично и трагично се намалил, но се зголемиле способностите за раководење со повеќе различни извори на стимули или задачи (популарно нареченото multitasking или повеќезадачност). Тие кои биле рани прифаќачи на одредена технологија или многу ги користеле своите уреди развиле способност за предвремено процесирање на информациите. Поточно, кога биле соочени со стимули кои се натпреваруваат за нивното внимание, тие дозволувале да влезат многу повеќе информации за истите од просечните луѓе, со кои информации заклучувале на што треба да го посветат вниманието, а што да игнорираат. Сето ова се случувало ако користеле еден уред.

За жал, оние кои користеле повеќе уреди истовремено биле катастрофално лоши во филтрирање на важноста на информациите. Ова покажува дека нашите мозоци почнуваат да се прилагодуваат на новите услови во кои функционираат и на преоптовареноста со „информации“ (читај: разни глупости од 9gag, Facebook и Twitter) кои сериозно ја нарушуваат нашата способност да држиме внимание, да произведуваме нови суштински издржани содржини и да постигнуваме големи достигнувања преку посветен, долготраен труд.

Извор: MedicalXpress, Engadget

Претходна статијаНапредок во биометриска идентификација со помош на мозочни бранови
Следна статијаБетон што се самопоправа – Нов пронајдок на изумителот-биолог Хедрик Јонкер