leanchair

Постојаното и целодневното седење на компјутер не` убива. Буквално, не` убива. Седентарниот начин на живот, без редовна и постојана физичка активност е многу штетна за организмот (особено за кардиоваскуларниот систем) кој доаѓа од животинско потекло и кој е направен да се движи, а не да седи постојано.

Без голема разлика колку вежбате во текот на неделата, ако дневно не правите барем 10.000 чекори сте на пат на намалување на вашиот животен век за неколку години, па и цела деценија. Да не започнуваме и со фактот што седењето предизвикува намален крвен притисок и срцева активност што пак резултира во помал доток на крв и од таму кислород во мозокот, па не ни размислувате со полн капацитет…

Постојат многу методи за решавање на овој проблем. Некои од нас пробале да стојат додека работат. Ова е ОК решение, но има неколку проблеми. Не е прифатливо секаде бидејќи нашите работни места не се познати по наклонетоста кон воведување новитети кои ќе го подобрат работењето и ефикасноста.

Од друга страна, стоењето е непријатно бидејќи ве тера постојано да ја префрлате тежината од една на друга нога, ви се здрвуваат нозете и има опасност да развиете проширени вени (ако не вежбате редовно и се движите со нозете). Затоа некои луѓе купуваат лента која ја поставуваат и по неа одат додека работат.

Исто така, постојат нови типови на решенија како LeanChair, што представува Kickstarter проект за поздраво и попаметно „седење“ зад бирото. Се работи за „столче“ на кое „седите“ скоро исправено т.е. малку накосено и подпрено наназад. Ваквиот дизајн решава неколку проблеми со работењето со стоење. Имено, префрла дел од тежината на телото врз самото столче па за многу го намалувате ризикот од добивање проширени вени.

Дополнително имате и каде да го потпрете грбот, што е потребно повремено за да го одморите. Сепак, недостаток е тоа што не ви овозможува да се движите со нозете па не се знае колку позитивен ефект има врз општото здравје.

51e35a59d87ca7c86907d89b5a6d6575_original

LeanChair не е прв ваков дизајн за столче кое ви овозможува во исто време да седите и да стоите. Тоа што дополнително го добивате со ова столче е вградено биро во него, за да не мора да го приспособувате бирото кое веќе го имате, секако за повисока цена.

Ако сакате, можете да го поддржите проектот преку страницата, со тоа што немате шанси да го нарачате во Македонија – го праќаат само во САД. Сепак, сметаме дека дизајнот не е толку тежок за копирање за едно вакво есенцијално помагало кога се работи за човековото здравје, особено кога оригиналниот производител нема можност да го извезе кај нас.

До тогаш, гледајте да седите што помалку.

Извор: Ubergizmo, Kickstarter

Претходна статијаGirls in Tech Macedonia стартува со мисија да мотивира што повеќе жени во ИТ
Следна статијаOlympus AIR A01 е професионален фотоапарат за вашиот смартфон