За време на Computex 2019 во текот на денешниот ден, Intel ја претстави својата десетта генерација на Core процесори која го носи името Ice Lake и е направена во 10 нанометарска технологија.
Овие процесори треба да почнат да се продаваат од јуни, а за почеток ќе бидат достапни верзиите наменети за лаптопите, поточно тие од „ултрабук“ категоријата, односно тенки и лесно преносни.
Како што би се очекувало од секоја нова генерација од процесори, таа донесува одреден процент на подобрувања на перформансите, а на Ice Lake тој процент се движи околу 18 проценти, односно архитектурата во која се направени наречена Sunny Cove, може да направи до 18% повеќе „Instructions per clock“.
Ice Lake како и обично, ќе дојдат во i3, i5 и i7 варијанти, а како главни подобрувања кај процесорите се истакнува делот за вештачка интелигенција, графичкиот процесор, како и најновата верзија од Wi-Fi, односно Wi-Fi 6.
Друга работа која привлекува внимание е помалата фреквенција на која работат овие процесори, меѓутоа се истакнува дека подобрените перформанси ќе овозможат компензирање на разликата, односно добивање на исти перформанси со истите ресурси.