hp_spectre_x360_15_beauty-100649454-large

Windows 10 буквално ја распали борбата во сегментот на лаптоп/таблети, односно уреди кои можат да се користат првенствено како лаптоп, но по потреба и како таблети со завртување на дисплејот или некој друг различен механизам. HP Spectre x360 15 е нов 15 инчен лаптоп/таблет, кој има исклучително тенко куќиште и коректна цена, барем во класата во која се наоѓа.

HP го лансира овој модел како директен конкурент на MacBook Pro 15 и Dell XPS 15, со таа разлика што лаптопот на HP има дисплеј кој може да се сврти за 360 степени и да се користи како таблет. Ако воопшто има некој што би користел 15,6 инчен дисплеј како таблет, но тука не би се мешал…

hp_spectre_x360_a_frame-100649456-large

На прв поглед, надворешниот дизајн неодоливо потсетува на лаптопот на Apple, што и не е лоша работа – сигурно ќе бидете забележани како корисник со вкус ако го носите со себе. Сепак, куќиштето на лаптопот на HP е потенко, всушност, најтенко во класата – само 16,5 милиметри на најдебелиот дел, што го прави да изгледа уште подобро.

Сепак, во однос на главната конкуренција, HP се одлучи да ги вгради штедливите верзии на Core “i” серијата на чипови на Intel, односно Core i5-6200U чипот, кој е послаб дури и од оној во Surface Pro 4 (Core i5-6300U) – уред наменет пред се за преносливост, а не за перформанси. Исто така, нема модел со посебна графичка во понудата, што значи дека сите кои сакаат да работат со преработка на видео, ќе треба да го избегнат – конкуренцијата нуди помоќни процесори и посебни графички. Од друга страна, тенкото тело не значи и пократко траење на батеријата – HP ветува околу 8 часа со нормална работа, што е многу солидно за голем лаптоп.

hp_spectre_x360bo-100649459-large

Дисплејот инаку може да се нарача со Full HD или Ultra HD резолуција, додека лаптопот има и цела плејада на можности за поврзување: три USB 3.0 Type A порти и една USB Type-C порта, HDMI порта, mini Display Port, читач за SD картичка и аналоген 3,5 милиметарски излез за аудио. Лаптопот е опремен и со специјални Bang&Olufsen звучници и тоа четири на број, кои би требало да го подобрат аудио искуството.

Најголем адут на HP Spectre x360 15 веројатно ќе биде цената, која почнува од 1.149 долари во САД за Core i5 моделот со 256 GB SSD диск и 8 GB рам меморија, што не е многу за голем, премиум лаптоп. Сепак, иако поскапа, конкуренцијата дефинитивно ќе понуди подобри перформанси, што значи дека доколку го барате тоа, ќе треба да одвоите малку повеќе пари.

Извор: Mashable, Engadget, PCWorld

Фото: PC World

Претходна статијаПрепорачано инсталирање на најновата верзија на Flash Player
Следна статијаПрви фотографии од iPhone 7 – нема пластични линии за антените, има поголема камера?