iphone-7-chassis-650-80

Како што бива во светот на технологијата, а особено на паметните телефони, првите информации за новите уреди ги имаме многу порано од претставувањето. Таков е и случајот со најпопуларниот смартфон во светот iPhone 7, кој во септември треба да ја доживее новата генерација, но уште отсега има информации и фотографии од него.

На фотографиите не може да се види целиот уред, што е и делумно очекувано, бидејќи целосниот дизајн сигурно не е финализиран. Сепак, на сликите добро се гледа задниот капак од 7-ката, на кој конечно нема пластични линии за антената, односно тие се помалку видливи и се сместени во горниот и долниот дел на телото. Интересно, бидејќи LG веќе има технологија која овозможува работење на антените преку алуминиум, а која ја има во новиот знаменосец G5.

Другиот детаљ кој се забележува од фотографиите е дека отворот за камерата е поголем, што најавува зголемување на сензорот и/или поширока бленда. Како и да е и двете се добар знак за подобрување на квалитетот на фотографиите, кој е особено потребен, бидејќи во последните две генерации, Samsung со Galaxy S и Note сериите, го надмина iPhone во поглед на квалитетот на фотографиите.

Засега нема информации за “Pro” моделот, кој има две камери во задниот дел, но доколку навистина постои, верувам дека и тие ќе пристигнат наскоро.

photo-iphone-7-catcher-1

Од останатите информации, кои не можат да се видат на фотографиите, новите iPhone-и најверојатно ќе имаат делумно потенко тело и нема да имаат излез за слушалки – за тие потреби ќе се користи “Lightning” портата во долниот дел. Исто така, има најави за зголемување на резолуцијата на дисплеите – веројатно до Full HD (1920×1080) кај помалиот и Quad HD (2560×1440) кај поголемиот “Plus” модел.

Од друга страна, потенкото тело и дисплеите со повисока резолуција секако дека негативно ќе влијаат на траењето на батеријата – помала батерија и поголема потрошувачка секако не се нешто што корисниците го сакаат во својот скап смартфон. Но, да се надеваме дека Apple има некој адут во ракавот и конечно ќе овозможи солидно траење на батеријата со едно полнење, барем кај помалиот iPhone 7 (Plus моделите имаат поголема батерија и имаат одличен век на траење на батеријата).

Извор: Forbes, TechRadar, 9to5Mac

Претходна статијаHP Spectre x360 15 – тенок и пренослив 15 инчен лаптоп/таблет со коректна цена
Следна статијаИнстантното учење како во Матрикс станува реалност