alienware-18-590x330

Денес, популарни се тенките „ултрабук“ лаптопи, кои имаат задоволителни перформанси, во мало тело и долго траење на батеријата со едно полнење. Сепак, за гејмерите, задоволителни перформанси не е доволна причина за нов лаптоп и за нив, тука е новиот Dell Alienware 18, кој има внатрешни компоненти на кои може да позавиди и еден добар гејмерски компјутер.

Прво, да нема забуна, иако е „лаптоп“, не планирајте да го преместувате премногу. Alienware 18 тежи 5,5 килограми и е скоро 6 сантиметри дебел, а има екран со големина од 18,4 инчи во дијагонала со Full HD резолуција. Но, идејата и не е да биде пренослив. Идејата е да биде најмоќен од сите гејмерски лаптопи денес.

За да го постигне тоа, лаптопот доаѓа со Core i7 процесор, во основната верзија со 4910MQ клокуван на 4,1 GHz, додека кај помоќниот модел со 4940MX клокнат на 4,4 GHz. Сериозна работа. Графичките се на Nvidia и тоа најдобрите во лаптопите моментално – GTX 970М со 6 GB во почетниот модел, односно GTX 980M со 8 GB рам во помоќниот.

alienware18-800x420

Не ве заскокотка ова доволно? Сите модели доаѓаат не со една, туку со две графички картички, во SLI конфигурација. И да, за екранот кој има само 1920х1080 резолуција, ова се чини како многу, но Alienware велат дека преку HDMI излез, графичките без проблем ќе можат да возат игри во 4K резолуција.

Секако, овие компоненти бараат и меморија во која ќе може да дишат, па затоа лаптопот во основната конфигурација е опремен со 16 GB рам, односно 32 GB во помоќната. Во внатрешноста може да се сместат четири дискови, а почетниот модел доаѓа со mSATA SSD од 512 GB и хард диск од 1 TB со брзина од 7200 вртежи во минута.

Однадвор, лаптопот е облечен во веќе познатиот гејмерски дизајн на Alienware, со гејмерска, осветлена тастатура. И секако, направен е од компоненти кои ќе ги издржат ударите на гејмерите што губат повеќе. И цена од 2950 долари за основниот модел, која може да порасне и над 4000 доколку се заборавите со помоќните компоненти.

Извор: Geek, SlashGear

Претходна статијаMicrosoft ќе го претстави новиот Surface Pro 4, Lumia 950 и 950 XL и новиот Band 2 во Октомври
Следна статијаNvidia GTX 950 е достапна графичка за игрите како Dota 2 и LOL