newsroom-01-coverimage

Информацијата дека Facebook работи на ваква апликација можевме да ја прочитаме пред еден месец. Истата случајно (или не) се имаше појавено кај одреден број на корисници кои што сепак не можеа да ја инсталираат, па можностите на апликацијата беа погодувани врз основа на тогашното име.

Како и што се очекуваше, Facebook Hello е таканаречена Dialer, односно бирач на броеви апликација која што го менува стандардниот од оперативниот систем. Истата ја искористува огромната база на корисници која што ја има Facebook, корисници кои што во изминатите години ги имаат поврзано и нивните телефонски броеви.

Facebook Hello како апликација овозможува повеќе предности. За почеток контактите кои што ги имате ќе бидат збогатени со информациите кои што за нив се достапни на социјалната мрежа. Се разбира, за тие што се и ваши пријатели ќе бидат прикажани повеќе информации, поради тоа што тие се ограничени на информациите достапни и преку Facebook страната, односно оние кои што корисниците ги споделуваат со вас или јавноста.

fb-hello-screens

Доколку некој ве бара, на екранот ќе ви бидат прикажани повеќе информации од само нивното име и телефонски број. Сега ќе можете да го видите и градот каде што живеат, нивната слика, кои се вашите заеднички пријатели, како и дали им е роденден.

Она што ја прави корисна оваа апликација е прикажување на информации за повикувачот, дури и да го немате во вашата контакт листа. Се што треба е тој да користи Facebook и да има избрано неговиот телефонски број да се користи за негово идентификување, нешто што стана достапно во изминатите верзии од Facebook Messenger. Можеби бројката на вакви корисници да не е еднаква на бројката на Facebook корисниците, меѓутоа истата постепено се зголемува.

Уште една навистина корисна работа кај Hello е што прикажува информации и од Facebook страните. Тоа овозможува да ви бидат прикажувани и броевите од бизнисите, а истите можете и да ги пребарувате по нивното име. Ова значително ќе го намали времето на барање на бројот од некоја кафана на пример во петок навечер, па сега се што треба е да го внесете нејзиното име, а се разбира доколку истата има направено страна на социјалната мрежа.

Апликацијата исто така овозможува и блокирање на телефонски броеви кои што се означени од повеќе луѓе како спам повици. Истите ќе бидат препратени на говорна пошта, а покасно можете да видите дека ве барале. Блокирањето на повици е возможно да се додаде и рачно, односно самите да одредите дека некој број не би сакале да ве добие.

Самата апликација е направена во стилот на Messenger и ги следи дизајн правилата на Android Lollipop. Изгледа едноставно и е поделена во 4 делови, односно скорешни повици, бирач на броеви, контакти и прилагодувања.

Facebook Hello е достапна само за корисниците на Android, а според најавите тоа така и ќе остане. Можете да ја симнете преку Play Store или преку следниот линк.

Симни ја Facebook Hello од Play Store

Претходна статијаМоќното магнетно поле кај црните дупки забележано за прв пат
Следна статијаFAA го одобри првиот 3Д испечатен дел за користење во авионската технологија
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.