sandisk-3

Производителите на преносни уреди на денешницата не се согласуваат околу многу работи. Кога се работи за поддршката за SD меморија, можеме да ги поделиме на два табора – тие што имаат вградено поддршка за SD картички и тие што немаат. На прв поглед нормално е секој да се запраша што ги чини производителите да вметнат едно такво мало парче технологија која ќе ви овозможи да ја зголемите меморијата на вашиот уред неколкукратно, па дури и суперлесно да пренесете податоци при мигрирање од еден на друг телефон.

Од друга страна, производителите имаат друга замисла за тоа што треба вие да правите со вашиот телефон. Обично мотивацијата им е суптилно да ве присилат да почнете да ги користите нивните услуги за онлајн меморија (во „облакот“). Или пак едноставно сакаат убаво да ви наплатат за поголема вградена меморија, што нечесто е двојно поскапа него да купите SD картичка.

Како и да е, на корисниците им е далеку подраго кога можат да ја прошират меморијата на својот уред и таму да сместат музика, филмови и други работи кои зафаќаат многу место. SanDisk, производителот на стандардот за преносна меморија (SD, кој стана де-факто светски стандард), на Mobile World Congress го покажа во јавноста својот најнов ѕвер – MicroSD картичка со 200ГБ меморија!

Практично, SD меморијата се базира на слоеви на мемориски единици кои се натрупани еден врз друг (во овој случај тоа се 16 слоеви). Тоа носи проблеми во диференцирање на мемориските единици и нивно мешање во полнежите кои означуваат 1 или 0. Ваквата структура значи дека постои долна граница под која не може да се отиде со „набивање“ на повеќе мемориски единици на милиметар кубен. Оттаму, интересен е зафатот на SanDisk кои успеале да ја надградат својата меморија на MicroSD картичка од претходниот рекорд (128ГБ) за цели 56%. Тие имаат и други достигнувања, како 512ГБ на стандардна SD картичка, а нормално дека работат на понатамошно унапредување.

Картичката доаѓа со 10 годишна гаранција што е повеќе од доволно за секој и имплицира дека можете да ја користите како метод за долготрајно чување на податоци, налик преносен хард диск. Нејзината цена е прилично голема, 400 долари, но тоа е сосем нормално за нова технологија која само што е излезена. Се очекува да се намали цената кога ќе почнат ваквите да се нарачуваат и да го враќаат влогот на SanDisk во технологијата. Картичката ќе биде достапна за купување во светот во втората четвртина на 2015 г.

Извор: PCWorld, Wired

Претходна статијаHuawei Watch – Најдобриот паметен часовник досега?
Следна статијаНаучниците од Харвард го создадоа првото киборг ткиво