Киборг е кратенка од „кибернетски организам“. Денешната култура и историјата на научната фантастика има повеќе видови на киборзи. Некои се отворено механички, а некои се скриени и скоро непрепознатливи од луѓето (на пример во филмот Терминатор). Обично тие се базираат на мешавина од живо органско ткиво и механичка конструкција или додатоци, и се супериорни во однос на способностите на „обичните“ организми/луѓе.
Тоа што се сонува во научната фантастика често научниците го остваруваат после некоја деценија или век. Па така научниците од Харвард демонстрираа киборг ткиво. Тоа е составено од живи клетки испреплеткани со нано-жици кои засега можат да се користат за прибирање информации од клетките. Клетките кои се употребени се неврони, срцеви клетки, мускулни клетки и крвни садови.
Научниците го „израснале“ ова киборшко ткиво на специфичен начин. Тие прво создале рамка направена од колаген, кој е супстанцијата која ја користи телото за поврзување на ткивата меѓу себе. Во овој колаген тие вметнале нано-жици и транзистори. Тек потоа тие почнале да ги растат клетките од различните ткива, кои почнале да се шират по рамката и да ја заземаат нејзината форма.
Досега тие во главно експериментирале со ткива од глувци, но успеале да создадат и човечки крвен сад долг 1,5 центиметри. Како што напоменав погоре, засега нано-структурите се користат за читање на информации од клетките, но во иднина секако дека ќе се развие начин да се користат и за испраќање сигнали преку некој дигитален контролер.
Ваквиот развиток заедно со технологијата на растење органи од матични клетки имплицира дека во иднината ќе можеме да си растеме цели делови од телото кои ќе бидат испреплетени со дигитална технологија и ќе биде надградена над нашите сегашни биолошки способности. Веќе пишувавме за вештачка кожа, која е растеглива, за цели вештачки раце кои се директно поврзани со нервите и кои ќе развијат чувство на допир и други технологии на иднината кои ќе ни овозможат вистински трансхуманизам наскоро.
Извор: ExtremeTech, IGN