robotic_arm_cup_jh (1)

Лес Бо е човек кој ги има изгубено двете раце во инцидент со електрична енергија пред 40 години. Тие морале да му бидат ампутирани и тој нема ниту сантиметар од неговите претходни раце, а со тоа ја има изгубено и можноста лесно да манипулира со разни предмети, да куца на тастатура, да си ги врзе кондурите, па дури и да се напие вода од чаша. Иако по досегашното познавање на човечката биологија повеќето би рекле дека неговиот случај е изгубен и не треба воопшто да се размислува на било каков мануелен капацитет, истото не го мислат од Џон Хопкинс Универзитетот.

Имено, од истиот Универзитет го имаат покането да учествува во експеримент во кој две простетички раце ќе му бидат поврзани со неговите нерви и ќе се обиде да ги контролира. Тој прифатил и дошол при Универзитетот да го проба тоа чудо на технологијата. Самите научници имале оправдан скептицизам околу успешноста на експериментот, но наскоро истиот се покажал неоснован.

Тие прво започнале со мапирање на нервите кои претходно воделе кон неговите раце, врз контролите во простетичките раце. Потоа следувала операција наречена Насочена мускулна реинервација (target muscle reinnervation) која ги поврзува неговите нерви со рецепторите во вештачките раце. Според траума хирургот од Џон Хопкис Универзитетот, Алберт Чи, „Ова е релативно нова хируршка процедура која ги преназначува нервите кои некогаш ја контролирале раката и дланката. Со преназначување на постоечките нерви, можеме да направиме изведливо за луѓето кои имале ампутација на раката да ги контролираат нивните простетички уреди само преку мислење на акцијата која сакаат да ја постигнат“.

По тоа следувале тренинзи за да го навикнат на типот на контрола кој ќе го има. Овие тренинзи започнале преку т.н. Систем за препознавање на шеми (pattern recognition system) кои Универзитетот го поседува и кој имал за цел да го научи Бо да ги препознае посебните мускули, колку добро комуницираат меѓусебно, и нивната амплитуда и фреквенција. Овие информации потоа биле пренесени во инструкции за контрола на простетичките раце. По ова следувало фиксирање на вештачките раце користејќи пластично елече (што можете да го забележите на видеото) и тест на функционирањето.

Погледнете го видеото каде што е демонстриран процесот на умствена контрола на вештачките раце

Како позитивно изненадување, после само 10 дена тренинзи, Бо не само што ги контролирал вештачките раце туку и прилично добро го правел тоа, успевајќи да направи сложени движења налик вистинска рака – како што се да земе чаша од долна полица и да ја смести на горна што вклучувало 8 типа на движења.

Ваквиот напредок во простетичката технологија е многу значаен, особено бидејќи ќе може да им помогне на многу луѓе кои имаат ампутирани делови од телото но и на оние кои поради мозочен удар изгубиле дел од својата моторика. Знаејќи дека нервите можат да им бидат преспоени и/или мапирани на простетички дел од телото, тоа ќе им помогне да ја повратат секојдневната функционалност без да мора да прават огромни заобиколувања и прилагодувања. Гледајќи го Бо истото може да се изведе и само со неколку месечен тренинг за да се постигне „нативност“ на простетичката рака или нога, така станувајќи дел од човекот.

Извор: CNet, The Verge

Претходна статијаGestures Beta за Windows Phone од Microsoft
Следна статијаОткриен ензим кој „помага“ во стареењето на кожата кај глувци