Apple оваа година го откажа развојот на својот електричен автомобил, уште пред тој воопшто официјално да биде потврден дека постои. Информациите во главно доаѓаа од неофицијални извори, меѓу кои и секогаш информираниот Марк Гурман.
Сега Гурман тврди дека „наредната голема работа“ која од компанијата ја разгледуваат е развојот на автоматизирани уреди за домаќинствата, односно роботи.
Според него, Apple разгледува два нови можни уреди на кои би работеле. Едниот е робот кој би имал можност да го следи корисникот низ домот и да извршува одредени задачи. Посебни алгоритми и вештачка интелигенција би се користеле за подобра навигација и функционирање на роботот.
Apple би сакале еден ваков робот да може да извршува одреден домашни обврски, како чистење, миење садови и слично, но таа технологија тешко дека ќе ја видиме пред крајот на оваа деценија.
Вториот автоматизиран уред би бил уред кој би се поставувал на маса и би го следел движењето на корисникот. Под ова се мисли на уред кој е погоден за видео повици, а корисникот би можел слободно да се движи без да мисли каде е камерата.
Ништо од ова не е решено во компанијата, дури и да се точни информациите, па има време додека видиме нешто ново од Apple.