Постои ли шанса Twitter да го банира Трамп?

Напишано на 10.01.2018 - 13:03 од Милош Милачиќ
Twitter

Фото: TheNextWeb

Политиката на една од најпопуларните социјални мрежи, Twitter, овозможува максимална слобода на говор на избраните политички претставници. Ова секако се аплицира и за претседателот на САД, Доналд Трамп, кој е особено популарен на оваа мрежа.

Доналд Трамп има обичај да споделува особено скандалозни твитови со своите повеќе од 64 милиони следбеници. Добар дел од нив кога би биле споделени од страна на обичен човек би биле ставени на „црната листа“ и корисникот би бил баниран. Меѓутоа, бидејќи се работи за исклучителна личност, Twitter администрацијата го толерира ваквото однесување.

Меѓутоа статусот на претседател на една од најмоќните држави во светот не значи апсолутен имунитет од правилата на Twitter заедницата. Имено, еден од првите луѓе на компанијата, Брус Дејзли открива која е горната граница на толеранција. Во интервју за британската BBC тој открива дека никој, вклучувајќи го и Трамп не смее да споделува приватни информации.

Приватни информации од типот на приватна адреса на живеење или пак телефонски број имаат статус на информации од особено значење. Тие уживаат максимално ниво на дискреција. Хипотетички, доколку вакви информации бидат споделени од страна на личност од рангот на Трамп (нешто што веќе беше случајот), максимум што може да се случи е Twitter да го повлече твитот. Тешко или речиси невозможно би било политичар, особено лидер на држава, да биде комплетно отстранет од ваков канал за масовна комуникација.

Twitter како компанија и заедница секако дека има право да креира политики и да поставува правила. Меѓутоа, дури и една институција од таков вид мора да се покори пред врвните закони. А нив пак, за несреќа, ги застапуваат токму политичарите. Истакнувањето на правилата за однесување и потенцирањето на црвени линии може максимум да се смета како предупредување. Колкаво и да е влијанието на социјалните мрежи, сепак тие се примарно алатка во рацете на политичарите. Многу пореално е дека Twitter, Facebook и компанијата ќе играат на нотите на политичарите, одошто тоа ќе се случи со сменети улоги.

Извори: The Verge, BBC, Gizmodo

За Авторот
Милош Милачиќ