Европската кинематографија зема се поголем залет во последно време. Оттаму, често се појавуваат филмови кои ги надминуваат оние холивудските по квалитет.

Сепак, поради доминантноста на холивудската забавна индустрија, не сме навикнати да гледаме високобуџетни европски серии. Уште помалку очекуваме тие да бидат амбициозни и да се занимаваат со натприродното и фантастичното.

Тоа се смени со Dark, нова германска Нетфликс серија со одличен кастинг, голем буџет, и (научно) фантастична приказна. Накратко, Dark е една од најдобрите серии кои ги гледав во 2017 година.

Приказната е сместена во малото германско гратче Винден (Winden), кое е прогонето од минати трауми и населено со проблематични ликови. Еден од главните ликови, Улрих, полицаец и татко на три деца, ја „вара“ неговата сопруга со жена чиј сопруг се самоубива на почетокот на првата епизода. Нејзиниот син, Јонас, поминува низ депресивен период, барајќи ги причините за самоубиството на својот татко.

Во Винден се случуваат и низа чудни и необјасниви работи, како исчезнувањето на младо момче, што ги мобилизира граѓаните и полицијата да тргнат во негова потрага. Кратко потоа исчезнува и Микел, кој е син на Улрих. Сето ова буди рани од минатото. Винден не се соочува со исчезнати деца за прв пат.

Паралелно со ова, се случуваат и натприродни феномени. Ненадејно умираат животни, мртви птици паѓаат од небото а светлата низ градот на моменти се палат и гасат. Ненадејно, во шумата се појавува мртво тело на дете со непознат идентитет.

Гледаме и мистериозен лик како погледнува во исечок од весник на кој пишува „Каде е Микел?“. Но, насловот е пречкртан и преправен во „Кога е Микел?“

Одговорот на дел од овие мистерии го добиваме во подоцнежните епизоди. Но, добиваме и многу нови прашања и мистерии. Веќе во втората половина од серијата, се случуваат работи од кои ќе добиете главоболка. Изобилството на ликови и чудни заплети испреплетени со елементи на патување низ времето се длабоко ткаени во приказната.

Задоволството да се гледа ваква серија е потпомогнато од прекрасната кинематографија и одличната музика. Кога е потребно, тие создаваат траорен или меланхоличен амбиент давајќи и на серијата магнетизам кој ја прави „must-see“.

Очигледно е дека Dark влече инспирација од некои други познати серии како Twin Peaks и Stranger Things. Споредбите со вторава серија се неизбежни, поради сличностите во приказната: мало гратче, исчезнати деца, натприродни елементи. Но, сличностите завршуваат тука. За почеток, Dark има многу посериозен и мрачен тон.

Сето ова ја прави Dark заразна за гледање. Снимањето на втората сезона е веќе потврдено, што е добра вест за нејзините обожаватели но и мотивација за поголемо вложување во европската телевизиска сцена.

Претходна статијаПостои ли шанса Twitter да го банира Трамп?
Следна статијаByton претставува SUV со 49-инчен екран