Facebook не се наоѓа во баш најдобра ситуација изминатите неколку години, а тоа посебно дојде до израз по Cambridge Analytica скандалот којшто го покажа „правото лице“ на оваа друштвена мрежа.

Во основа Facebook и блиските сервиси можат наједноставно да се опишат на следниот начин. Се работи за масовно користени сервиси кои се бесплатни за корисниците. Огласувачите, истражувачите, владите и слично, би платиле и плаќаат огромни пари за да дојдат со информациите кои се поврзани со корисниците и тоа е главниот бизнис модел на оваа друштвена мрежа.

Проблемот стана поголем кога ова, нешто што и така беше познато, почна да се гледа на каков се начин може да биде искористено и злоупотребено од страна на разни групи, а тука огласувачите се и најмал проблем.

Приватноста на корисниците се покажа дека не е единствениот проблем кога се во прашање друштвените мрежи.

Марк Закерберг, соочен со губење на одредена бројка на корисници, нешто што сигурно ќе дојде до израз на долгорочен план, објави огромен текст во кој тој ја опишува иднината на Facebook, друштвените мрежи генерално, како и комуникацијата на корисниците.

Тој истакнува дека иако друштвените мрежи остануваат најдобриот начин за комуникација на огромен број на луѓе и групи, на дознавање на информации и слично, сепак корисниците сакаат да знаат дека можат да го имаат изборот на тоа колку јавна ќе биде нивната интеракција.

Тој својата замисла за тоа како треба да продолжи да се развива Facebook, но и поврзаните сервиси, ја сумира во 6 точки кои ги опфаќаат следните теми:

Приватна интеракција – Шифрирањето на комуникацијата на корисниците е првата точка која Закерберг ја истакнува. Овој начин на комуникација би значел најголема приватност за корисниците, а никој, дури ни Facebook, нема да можат да имаат пристап до разговорите.

WhatsApp веќе користи шифрирање на разговорите, а најавите дека сите сервисите за разговори кои се под Facebook ќе станат компатибилни едни со други, веќе го најави планот за проширување на овој начин на работа кај сите апликации од компанијата.

Намалување на долготрајноста – Информациите, разговорите, сликите и било кои други податоци кои корисниците ги оставаат на мрежата, нема да се чуваат подолго од тоа што е потребно. Корисниците не треба да се плашат дека нешто што го имаат објавено одамна, може да им направи штета во иднина.

Безбедност – Корисниците треба да очекуваат дека Facebook ќе направи се што може за да бидат безбедни, во рамките на можностите на шифрирани сервиси.

Интероперабилност – Во основа ова е потврда за најавата дека трите сервиси за комуникација кои се под Facebook, ќе имаат иста основа, со што ќе се овозможи комуникација на корисниците без разлика која апликација, односно сервис го користат.

Безбедно чување на податоци – Facebook сака корисниците да бидат сигурни дека тие нема да чуваат податоци од нив во земји каде што човековите права, односно приватноста и слободата на изразување, се загрозени.

Марк Закерберг продолжува сите овие точки детално да ги опишува, па доколку сакате да прочитате се што тој има да каже, текстот е достапен на овој линк.