Некаде на почетокот на годинава можевме да прочитаме дека новата цел на Фејсбук за 2018 година е да стане помал. Оваа информација е изненадувачка со оглед на тоа што социјалниот гигант се стремеше кон постојан раст уште од самото негово формирање. Фејсбук стигна таму каде што е денес благодарение на постојаниот раст во бројот на корисници, што пак им донесе богати придобивки од компании кои се рекламираат на оваа социјална мрежа.

Најновите најавени промени имаат благородна цел. Фејсбук смета дека ние, корисниците, се чувствуваме најдобро кога ги користиме социјалните мрежи за да „се поврземе со луѓето за кои се грижиме“. Тие аргументираат дека пасивното користење (читај: скролање) на Фејсбук е штетно, а дека покорисно е активното и „комунално“ користење на социјалните мрежи.

Оттаму, Фејсбук го планира следново: да го намали бројот на реклами и спонзорирани постови кои се појавуваат во нашиот „news feed“ објавени од бизниси и медиуми. Наместо тоа, ќе не поттикнува да имаме повеќе интеракција со објавите на нашите роднини и пријатели, како и повеќе да ги следиме активностите во групите во кои членуваме.

Тешко е да се одбегне сомнежот дека овој потег доаѓа како резултат на критиките што ги претпре Фејсбук после претседателските избори во САД. Ширењето на „лажни вести“ помеѓу Фејсбук корисниците беше сметано како зло од огромни размери кое наводно ја потпомогна победата на Доналд Трамп. Руските медиуми веќе се најдоа на метата на Силиконската долина. Овој потег на Фејсбук ќе оди во прилог на напорите да се „стишат“ тие медиуми.

Фесјбук ќе не лиши од сајтовите кои создаваат непотребна бучава за да го привлечат нашето внимание. Но, она во што ќе резултира овој потег е тоа што ќе не примора повеќе да „дремеме“ на Фејсбук следејќи што ново имаат да кажат нашите блиски пријатели кои немаме време да ги видиме во живо.

Цукерберг смета дека начинот на кој ги сметаме социјалните мрежи е погрешен. Но, тој го занемарува поважното прашање: дали социјалните мрежи сами по себе создаваат зависност кај корисниците, го намалуваат нивниот фокус и продуктивност и се штетни по здравјето.

Постојат бројни истражувања за штетните влијанија на социјалните мрежи врз нашите мозоци (за повеќе информации тука и тука). Дури и Шон Паркер, поранешниот претседател на Фејсбук, изјави дека користењето на оваа социјална мрежа прави повеќе лошо отколку добро “Тоа буквално го менува вашиот однос со општеството, и односот со други луѓе. Веројатно влијае на продуктивноста на чудни начини. Бог знае што прави со мозокот на нашите деца ”

Добро е што Фејсбук почнува да го препознава истото. Само, се надевам дека нивните постапки нема да доведат до продлабочувањето на т.н. „филтер меур“ кој уште повеќе ќе ја намали способноста и волјата на корисниците критички да примаат нови (и различни) информации за своето опкружување.

Претходна статијаSamsung категоричен дека не ги забавува своите уреди
Следна статијаFacebook ќе прашува чија пропаганда сакате да ја следите