Фактот што Facebook прерасна во толку масовно користена друштвена мрежа, со повеќе милијарди активни корисници, направи да оваа мрежа има, благо кажано, голема моќ на располагање.

Оваа моќ доаѓа од големиот број на информации кои корисниците ги оставаат на мрежата, информации кои потоа се искористуваат од алгоритамот на Facebook за овозможување на подобро корисничко искуство, во поголемиот број на случаеви барем.

Еден поголем пример за тоа каква моќ има Facebook и како истата може да биде злоупотребена без прекршување на правилата на мрежата, беше се’ уште актуелниот случај со Cambridge Analytica.

Во основа, оваа компанија има дојдено до огромен број на информации за корисници на Facebook, без притоа да прекрши некое правило. „Наједноставно“, со креирање на апликација на мрежата, професор од Cambridge доаѓа до согласност од корисниците за собирање на информации, согласност која ретко кој ја чита пред да ја прифати. Поради начинот на функционирање на овој дел од мрежата во тоа време, апликацијата собира информации и за пријателите на овие корисници, па се доаѓа до бројка од десетици милиони корисници.

Сега, истражување на организација за борба против екстремистичките движења, открива дека Facebook е одлично место за запознавање и регрутирање на корисници со екстремистички верувања. Во овој случај конкретно се мисли за Исламската држава и нејзините членови, случај којшто уште е актуелен во светот и е извор на голем број на потенцијални проблеми.

Начинот на којшто овие корисници ја користат мрежата повторно е без никакво прекршување на правилата. Поточно, тие доаѓаат до нови пријатели преку делот на мрежата кој препорачува пријатели.

Suggested friends функционира на база на алгоритам кој спојува корисници со слични интереси, а знаеме дека Facebook ако едно знае најдобро за нас, тоа се нашите интереси.

Во овој случај тоа се корисници со одредени верувања и активности, па соодветно како љубителите на одредени автомобили, на пример, Facebook ги спојува и овие корисници.

Проблемот, односно критиката кон Facebook не е директно за оваа можност за мрежата. Истата е суштински дел од неа и не се очекува да биде тргнат. Она за кое компанијата е критикувана е неуспехот во тргањето на екстремистичка содржина и исклучувањето на профилите на ваквите корисници.

Ова во основа и не е едноставна работа да се направи. Голем број на движења во светот означуваат како проблематични многу објави и корисници кои едноставно се покажува дека не размислуваат како нив. Тоа не значи дека тие претставуваат некаков проблем, туку дека на некој со моќ не му одговараат.

Во оваа „гужва“ на секакви објави и барања, реално се протнуваат и вистински проблематични корисници, односно и содржината која тие ја објавуваат.

Како и да се гледа на целата работа, едно станува јасно се повеќе и повеќе оваа година. Тоа е дека Facebook е голема и моќна мрежа која реално и не може да биде контролирана освен преку одговорно користење од страна на корисниците.

ИЗВОРEngadget
ИЗВОР 2The Telegraph
Претходна статијаSamsung овозможува продолжена гаранција од пет години на одбрани “UHD” и “QLED“ модели на ТВ уреди
Следна статијаДенови на финансиска писменост од 11 до 13 мај
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.