„Мои сте“ - Елон Маск

Последниве неколку месеци особено популарни се натпреварите во играта Go меѓу најдобрите играчи и компјутерот на Google наречен Alpha Go, во кои компјутерот ги посрамоти најдобрите играчи. Секако, ова е само специфична игра и истиот тој компјутер е развиен само за неа, но според Елон Маск, до 2030, односно најкасно до 2040 година компјутерите ќе можат да не победат во што и да било.

Поточно, според истражувања на научници од Универзитетот од Оксфорд, машините ќе бидат подобри од нас во преведување на јазици до 2024 година, нешто што засега се чини како невозможно ако во равенката ставиме сервиси како Google Translate.

Истите научници велат дека до 2026 година машините ќе можат да пишуваат, односно креираат поубави есеи од луѓето, потоа во 2049 година да ја напишат најпродаваната книга и во 2053 да прават хируршки операции.

Според Маск, доколку луѓето сакаат да останат во трка со машините, ќе мора да ги спојат своите мозоци со машина. Ваков спој би можел секогаш да биде чекор пред машината кога е во прашање моќта на процесирање и размислување, бидејќи би ги содржел уникатните карактеристики и на човекот и на машината. Не дека и ова не звучи морничаво, да бидам искрен.

А уште поморничав е фактот што денешните компјутери стануваат толку напредни, што креаторите на комплексните формули за нив дури и не знаат како работат. Затоа, овие најави на Елон Маск делуваат и прилично реални – компјутерите напредуваат со невидена брзина и само прашање на време е кога ќе мора да се соочиме со нивната моќ.

Извор: NY Post, Fox News, Futurism

Претходна статијаGalaxy Note 8 пристигнува во август, ќе има 4K дисплеј?
Следна статијаCore i7-7740K процесор „клокнат“ на фантастични 7,5 GHz со течен хелиум