AMD Zen архитектурата беше во најава веќе неколку години, со постојани предупредувања дека токму таа ќе го симне Intel од тронот на најбрзи компјутерски чипови. Тоа конечно се случи – официјалното име на оваа генерација на процесори на AMD се вика Ryzen и првите бенчмаркови кои ни ги покажа производителот се многу ветувачки за сите ентузијасти.

Првиот чип кој ќе биде лансиран со оваа архитектура (следуваат повеќе понатаму) ќе биде директен конкурент на Broadwell-E серијата на Intel, која се содржи од најмоќните Core i7 чипови, поточно 6900K. AMD секако уште на лансирањето покажа споредба во перформансите меѓу нивниот и чипот на Intel и на сите тестови, нивниот чип е малку побрз. И иако не е најавена цената, овие перформанси AMD би требало да ги понуди по многу пониска цена од таа на моќниот чип на Intel, кој чини преку 1.000 евра.

Првиот Ryzen чип е само примерок во моментов и истиот има работен такт од 3,4 GHz. Сепак, AMD најави дека чиповите што ќе излезат на пазарот ќе имаат многу поголем работен такт од овој, но тоа веројатно и не е толку важно. Многу поважно е што чипот има 8 јадра, односно по две виртуелни јадра во едно физичко јадро, за максимум 16 јадра одеднаш и L3 ќеш од 16 MB, односно L2 ќеш од 4 MB.

Чипот ќе биде спремен и за сите нови технологии, па очекувајте поддршка за DDR4 рам, PCIe од третата генерација, USB 3.1 од втората генерација и NVMe SSD дискови. Ryzen чиповите ќе работат на нов AM4 сокет, што значи дека секој корисник кој сака да конструира ваков компјутер, ќе мора да набави и нова матична плоча која ќе одговара на него.

AMD ветува и драматично намалување на потрошувачката на енергија во споредба со актуелните Bulldozer чипови. И не само тоа – овие процесори ќе имаат и помала потрошувачка од оние на Intel – 93 вати во мирување за AMD, 107 вати за Intel, односно околу 190 вати за двата процесори кога се „напнати“ до крај.

Ryzen процесорите ќе доаѓаат и со неколку оптимизации, кои според AMD користат машинска интелигенција. Pure Power е технологија која ја оптимизира фреквенцијата за да ја намали потрошувачката, додека Precision Boost овозможува многу попрецизно контролирање на работниот такт во чекори од 25 MHz.

Сепак, најинтересна оптимизација се чини е Extended Frequency Range (XFR) технологијата, која автоматски ќе го покачи работниот такт доколку на чипот има добро ладење. Во превод, доколку ставите поголем кулер на вашиот процесор, тој сам ќе направи своевиден “overclock”. Последни, но не помалку важни се Neural Net Prediction и Smart Prefetch, кои подобро ќе ја искористат ќеш меморијата за многу од податоците да бидат веднаш достапни.

Сето ова што го кажавме погоре ветува дека AMD конечно ќе има вистински натпреварувачи во високата класа. Иако сѐ уште нема информација за цената, очекувам AMD да понуди многу повеќе за вложениот денар отколку чиповите на Intel, односно барем такво било искуството досега. Во превод, ако планирате гејмерска машина, почекајте после Нова Година да видите што има да понуди AMD – Ryzen може целосно да ги промени работите.

Извор: Tech Spot, ARS Technica, PC World

Претходна статијаНајбрзорастечка професија во САД – сервисер за ветерници
Следна статијаОткриен нов случај на пробиени Yahoo сметки, овој пат дури 1 милијарда