Годинава Apple треба да го претстави новиот iPhone 8, кој знаеме дека ќе има целосно нов дизајн со челик и стакло, OLED дисплеј со мала рамка и можност за отклучување со читач за отпечатоците и скенер за зеницата на окото.

Сега, нова информација вели дека револуционерниот iPhone ќе може да слика и 3D селфија, што значи дека од септември натаму може да очекуваме ново селфи лудило на Snapchat и Instagram.

Сепак, идејата на Apple не е само 3D селфија. Бидејќи предна камера ќе може да препознае длабински информации, корисникот ќе може да го издвои своето лице од позадината и да го стави во некоја друга околина, нешто налик на изменета реалност.

На пример, сликате селфи и се ставате во некоја игра или пак на некое друго место. Очекувајте да има многу селфија од „Париз“ со оваа можност или пак кое било друго ексклузивно место во светот.

3D предната камера на iPhone 8 ќе има можност и за подобро препознавање на лицето на корисникот, заедно со скенерот за зеницата на окото, со цел да се овозможи побрзо отклучување на телефонот и уште поголема безбедност.

Технологијата која може да препознае 3D слика е развиена од PrimeSense, компанија која Apple ја купи пред скоро 4 години. Понатаму, Apple ќе вгради и 3D камера во задниот дел, која ќе ги има истите можности на двојната камера во iPhone 7 Plus, но во покомпактно пакување со еден сензор и леќа.

Доколку сето ова се оствари, Apple ќе има голем адут во борбата со Android производителите, особено Samsung и LG, кои немаат пристап до толку напредна технологија на камерите, барем не кога се работи за 3D сликање.

Сепак, јас сето ова би го земал со задршка – претставувањето на iPhone 8 ќе се случи дури на есен оваа година и многу работи можат да се изменат.

Извор: The Next Web, Mac Rumors, 9 to 5 Mac

Претходна статијаСпоред Елон Маск или ќе станеме роботи или ќе бидеме заменети од истите
Следна статијаАнализа на Tesla Powerwall после една година користење во Австралија