03

Вчера објавивме текст каде што Ве известивме дека Нокиа подготвува нов производ преку затскриена кампања на претставување. Првично се мислеше дека е кутија за гледање дигитална телевизија, но денес тие открија дека се работи за нов таблет компјутер – Nokia N1 и истиот воопшто не е за потценување.

Нокиа во минатото имаше одредени проблеми со падот на продажбата на телефоните и другите преносливи уреди кои ги произведуваше што предизвика да биде „избуткана“ на пазарот од другите играчи како Епл, ХТЦ, Самсунг и останати. Но, очигледно овие Финци планираат да го возвратат ударот на голема врата. Новиот таблет компјутер многу потсеќа на iPad Mini по својот дизајн, но секако, место на iOS тој работи на новата верзија од Андроид 5.0 (Lollipop). Во исто време за главна работна површина (т.н. launcher) го користи специјално-изработениот Z Launcher од самата Нокиа, но верзијата која ќе биде вклучена со N1 ќе биде различна од таа достапна на Google Play Store.

device_DELIVERY_AE_07_00271

Од достапните фотографии можеме да забележиме дека дизајнот кој Нокиа го одбрала за N1 е навистина феноменален, иако силно потсеќа на iPad Mini. Задната страна е направена од единечно алуминиумско избрусено тело со меки, заоблени ивици, и е достапно во две бои: природен алуминиум и лава-сива боја. На предната страна има екран од 7,9 инчи со резолуција од 2048х1536 пиксели која овозможува 4:3 сооднос на екранот. Целиот екран е ламиниран по страната и изгледа прекрасно. Од страната има стандардни копчиња за звук и вклучување на таблетот, а доле има USB порта која прифаќа било која насока на влез на кабелот како и два звучника.

device_DELIVERY_AE_07_00108_mobile_0

Но и под површината овој таблет импресионира. Во себе има четиријадрен процесот Intel Atom 64-bit Z3580 која работи на брзина од 2,3 ГХц, носи 2 ГБ LPDDR3 RAM меморија, како и 32 ГБ внатрешна меморија без можност за надополнување со надворешна што може да биде иритација за некои корисници. N1 во себе носи и прилично моќен графички процесор, PowerVR G6430 кој работи на 533 МХц. Неговата батерија е од 5.300 мАч што верувам дека ќе биде доволно за редовно користење во текот на денот. Целиот таблет е дебел само 6,9 мм што е помалку и од iPad Mini.

Но најинтересното со ваквите карактеристики е следното: неговата цена ќе биде само 250 долари и ќе започне да се продава во Кина, па во Русија и други пазари. Ваквата цена веројатно ќе и` овозможи на Нокиа да заграби убав дел од пазарот на таблет компјутери и да врати дел од својата стара слава во светот на консумерската технологија. Им посакуваме секое добро и да ги видиме наскоро како понуда во продавниците во Македонија бидејќи веруваме дека со ваквиот однос на цена/перформанси ќе има голема заинтересираност и кај нас.

Извор: The Verge, Techcrunch, Nokia

Оставете коментар

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.