481103-surface-pro-4

Во светот на технологијата, многу е значајно да сте пионер во некој сегмент, како на пример Apple со iPhone и iPad или пак Microsoft со Surface серијата, која може да замени таблет и лаптоп. Токму оваа мултифункционалност на Windows 10 таблетите, според истражувањата и предвидувањата на IDC (International Data Corporation), ќе придонесе тие да бидат доминантни на пазарот.

Ова предвидување е интересно, бидејќи е спротивно на падот на продажбата на таблетите. Сепак, таблетите со тастатура се многу различни уреди и купувачите најчесто ги купуваат како замена за својот лаптоп, а не како замена за таблетот. Затоа и најавите се дека Windows 10 уредите ќе се продаваат најмногу во сегментот на големини на екраните од 9 до 13 инчи, иако оперативниот систем е бесплатен за таблети со дисплеи помали од 9 инчи.

Во бројки, годинава вкупната продажба на таблети ќе доживее уште еден пад од 5,9% во однос на минатата година, но според IDC трендот во наредните години ќе биде повторно во покачување на продажбата на таблети.

486164-ipad-pro-2

За ова најзаслужни ќе бидат токму таблетите со тастатура која може да се отстрани (тука не се вклучени лаптопите со екран кој може да се сврти за 360 степени, како Yoga серијата на Lenovo) со Windows 10, кои ќе доживеат раст од 16,6 милиони продадени уреди годишно во 2015 година до 63,8 милиони во 2020. Во проценти, тоа значи дека во 2020 овие уреди ќе имаат 74,6% од таблет пазарот.

Секако, вакви уреди веќе имаат и главните конкуренти на Microsoft – Apple го има iPad Pro, додека Google го има Pixel C таблетот, кој треба да добие многу нови можности со Android N надградбата. Сепак, според IDC, за вистински да ги загрозат Windows 10 таблетите со тастатура, Apple ќе треба да лансира вакви уреди со Mac OS, додека Google ќе треба подобро да ги вклопи Chrome OS и Android во еден оперативен систем.

49151113.cms

Ова е и логично – купувачите на вакви уреди сакаат таканаречен целосен оперативен систем, бидејќи како што спомнав погоре, најчесто ги користат како лаптопи. За таа цел, Windows веќе две децении има достапни специјално дизајнирани програми за сериозна работа, за разлика од „мобилните“ оперативни системи кај конкурентите, iOS и Android, кои имаат пазар со апликации наменети пред се за ситни и брзи промени, но не и за да се користат како единствен уред, што се коси со идејата за таблет/лаптоп, кој треба да замени два уреди во едно.

Годинава инаку Microsoft треба да претстави нови Surface Pro и Surface Book модели, покрај долго најавуваниот Surface Phone, додека новиот iPad на Apple кој треба да биде претставен наскоро, веројатно ќе има можност за дополнителна тастатура и ќе ја носи наставката “Pro” исто како и поголемиот 12,9 инчен модел.

Извор: Windows Central, Pocketnow, IDC

Претходна статијаIntel купи компанија која пренесува спортски натпревари во опкружувачко 3D
Следна статијаКина има намера да стане бр. 1 во технологијата