Во Јужна Кореја, домашниот пазар на Samsung, смартфоните на преклоп се и натаму многу популарни, поради што корејскиот бренд продолжува да ги развива и произведува. Тие сега го лансираат W2018, кој е најдобриот смартфон на преклоп во светот и кој има неколку спецификации кои се подобри и од Galaxy Note 8.

Тука пред се алудирам на задната камера, која има 12 мегапиксели како и останатите смартфони од високата класа на Samsung, но има супер брза f/1.5 бленда – најбрза во светот на смартфоните. Ова ќе и овозможи да прими повеќе светлина навечер, а за преку ден блендата може да се спушти и на f/2.4 – повторно, прв пат за еден смартфон да има променлива бленда. Предната камера сепак не е толку импресивна – има 5 мегапиксели и f/1.9 бленда.

Дисплеите се исто така импресивни – ги има два со големина од 4,2 инчи и Full HD резолуција. Секако, тие се Super AMOLED, но поинтересно е што овој телефон може да се користи целосно затворен како стандарден „мини“ смартфон од високата класа и да се отвори и да се користи како мобилен телефон од пред една деценија. Изборот е ваш, секако.

Во внатрешноста на телефонот се вградени најмоќните можни компоненти – Snapdragon 835, помогнат од 6 GB рам меморија и 64 или 256 GB простор зависно од моделот. Батеријата е прилично мала – има само 2.300 mAh, но тоа е веројатно доволно за смартфон со толку мал дисплеј. W2018 инаку доаѓа со веќе застарениот Android Nougat 7.1.

Вртоглавиот податок го оставив за крај – основната верзија на овој модел чини неверојатни 2.000 долари во Јужна Кореја, што е премногу макар и за вака интересен смартфон. За истите пари, денес може да купите две Galaxy Note 8-ки или два iPhone X, односно ајде да бидеме „безобразни“ – дури четири OnePlus 5T телефони. Дефинитивно, ова ќе биде модел наменет само за оние со подлабок џеб, кои ќе сакаат да се издвојат од толпата.

Извор: TechnoBuffalo, GSMArena, Engadget

Претходна статија“Windows Phone Internals” програмот овозможува “Root” влез во сите Windows смартфони
Следна статијаApple Watch сега може да се користи за откривање нерегуларности во отчукување на срцето