Како задоволен корисник на Galaxy S7 помалку од една година, не ни размислував да купам нов телефон. Новите S8-ци, како и новиот Note8 дефинитивно ми го привлекоа вниманието, меѓутоа реков ајде ќе издржам уште некој месец, па ќе размислувам кој од овие телефони да го купам.

Не размислував за промена на производителот, па изборот сигурно ќе паднеше на некој од уредите на корејската компанија.

Она што не очекував е дека многу порано ќе се случи промената на мојата одлична S7-ца. Мојот телефон сега е Galaxy Note8, а истиот го добив благодарение на Samsung, при самиот почеток на продажбата на уредот во Македонија.

Кога почнав да го користам решив дека ќе го направам следното. Ќе го користам „ноутот“ 2-3 недели, па ќе видам дали ќе ми се допаѓа доволно за да го задржам како мој главен телефон. Главната грижа околу шансите за допаѓање беше поврзана со големината на овој уред. Навикнат на 5,1 инчниот S7, не бев сигурен дали ќе можам да користам уред од 6,3 инчи.

Сепак, иако Note8 има 6,3 инчен екран, поради малите рамки околу екранот, односно поради таканаречениот Infinity Display, неговите димензии се слични со стандарден телефон со 5,7 инчен екран. Тоа во основа значи дека телефонот требаше да биде поголем од S7-цата за околу 1 сантиметар, па кога тоа го сфатив јасно ми беше дека големината нема да претставува проблем.

Телефонот го користам повеќе од месец дена. Она што со сигурност можам да го кажам од досегашното искуство е дека ова е најдобриот телефон којшто го имам користено досега.

Првата грижа се потврди дека нема да претставува проблем. Големината на телефонот е незначително поголема од тоа што бев навикнат до сега, а во главно благодарение на Infinity екранот.

Заклучокот е дека со не многу поголеми димензии, добив телефон со доста поголем екран, а со тоа и подобра прегледност на работите што ги правам на него. Пред некој месец купив таблет којшто сега многу ретко го користам.

Кога сме кај екранот, тој заслужено ги добива највисоките оценки на сите тестирања. Не може да се опише со зборови чистината на боите, острината и чистината на сликата која се добива, а посебно кога ќе се спореди со некој друг уред.

Инаку, екранот е Super AMOLED и има резолуција од 2960 на 1440 пиксели, а тоа е доволно за истите да се прикажуваат по 521 пиксел на инч. Интересно, додека истражував дополнително за оваа статија, открив дека home копчето кое е софтверско е исто така и 3D Touch копче, што значи дека може да го притиснете како било кое друго физичко копче.

Работата на уредот е одлична, но не ни очекував некакви проблеми во тој дел. Android како оперативен систем, а и TouchWizz, се веќе неколку години одлично оптимизирани, па кога на тоа ќе се додаде најновиот хардвер вграден во овој телефон, работата е брза и мазна како на силен компјутер.

Note 8 доаѓа со двојна камера на задната страна за која повеќе ќе пишуваме во рецензијата на уредот за некоја недела. Она што можам сега да го кажам е дека покрај одличните слики, двојната камера овозможува сликање со ефект на заматена позадина, нешто што може да се направи со еден клик, за разлика од обичните камери.

Остатокот од искуството не би можел да кажам дека е премногу различно од претходниот телефон, сепак се работи за Android уред од Samsung, па не може да се очекува 100% различен начин на работа.

Она што дефинитивно го нема во другиот модел е S Pen пенкалцето кое сега за сега не го користам толку многу. Сепак научен сум, како и повеќето, работите на смартфон да ги вршам со прстите, па пенкалцето се наоѓа како корисно во неколку ситуации.

Главната работа за која што S Pen одлично се погоди е правењето на screenshot од екранот, поточно одреден дел од него. Очекувано, со пенкалце може многу попрецизно да се избере делот од екранот којшто би сакал да го „исечам“, па во овие ситуации веќе не ни помислувам да го користам мојот прст.

Исто така, забележав дека кога сум во брзање, запишувањето на нешто итно, многу побрзо го правам со пенкалцето, без разлика колку брзо се имам научено да пишувам на софтверската тастатура со годините. Можеби сум од таа генерација која сепак се има научено да ги пишува белешките со пенкало, којзнае.

Се на се, се работи за навистина одличен телефон, а како и не би бил тоа случајот кога ќе се земе во предвид производителот, но и цената. Во неделите што следат ќе објавиме и целосна рецензија на уредот, како и видео преку кое ќе може да добиете подобра претстава за него.

Претходна статијаGoogle Search ќе покажува резултати само од земјата во која се наоѓате
Следна статијаСтивен Хокинг предупредува дека вештачката интелигенција целосно ќе ги замени луѓето
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.