iPhone X е најимпресивниот iPhone досега, но на него треба да се чека до ноември

Напишано на 13.09.2017 - 11:20 од Иво Гиевски

Apple конечно го претстави iPhone-от кој сите го очекувавме. Се работи за еден навистина импресивен уред, кој ја најавува наредната насока во која ќе се движи дизајнот на паметните телефони (заедно со дел од неговите конкуренти, како Galaxy S8 и Note 8, Xiaomi Mi Mix 2 и LG G6 и V30) и кој има импресивни хардверски карактеристики, заедно со промени во оперативниот систем кои подобро треба да го искористат новиот дизајн.

Но, тука сепак ќе почнеме со дисплејот. За прв пат во еден iPhone тој е OLED и воедно има и највисока резолуција досега од 2436×1125 пиксели, растегнати на дијагонала од 5,8 инчи. Сепак, дел од тие пиксели во горниот дел ќе недостасуваат, бидејќи има засек каде се вградени камерите и сензорите. Покрај тоа што екранот е OLED, главен хит кај iPhone X е што околу него има минимална рамка, што значи дека димензиите ќе бидат многу помали од iPhone 8 Plus, кој има 5,5 инчен дисплеј.

Вака на фотографии мора да се признае дека iPhone X изгледа импресивно благодарение на новиот дисплеј, а во тоа секако помага и изработката од стакло во задниот дел, која му дава дополнителна ексклузивност на телефонот. Да, можеби се губи издржливоста на постарите iPhone-и, бидејќи тие беа изработени од алуминиум, но факт е дека стакло е попривлечен и „посветкав“ материјал кој одлично прилега на овој смартфон. И мора да се спомне, сето ова доаѓа во пакување кое е IP68 отпорно на вода и прашина, исто како Galaxy серијата. Импресивно.

Втората поголема промена кај iPhone X, во однос на претходните неколку модели, е што нема читач за отпечатоци на прсти, а нема ниту Home копче. Читачот е заменет со посебен Face ID систем за 3D препознавање на лицето, кој користи инфрацрвена камера и посебен модул кој проектира светлина на лицето. Системот се вика TrueDepth и верувам ќе треба да излезат првите модели за да видиме дали функционира како што најавува Apple, односно дали ќе биде брз и лесен за користење како Touch ID.

Како и секој нов iPhone и овој доаѓа со помоќен чип, овој пат Apple A11 Bionic со шест јадра, кој е помогат од 3 GB рам меморија. Според тоа колку беше конкурентен iPhone минативе неколку години во брзината, не се ни сомневам дека ова ќе биде најбрзиот смартфон на пазарот – очекувајте супер мазно работење со оперативниот систем. iPhone X инаку ќе доаѓа во неколку изведби, со 64 и 256 GB простор и ќе поддржува Qi безжично полнење, исто како скоро сите други смартфони на пазарот, што е големо изненадување.

Камерите кај iPhone X исто така добија подобрување во однос на претходниците – назад двојниот модул повторно е составен од два сензори со 12 мегапиксели, но сега пошироката леќа има f/1.8 бленда, а онаа со зум f/2.4 бленда, а и двете се оптички стабилизирани. Предната камера пак има 7 мегапиксели и благодарение на можноста за 3D скенирање на околината, исто како и предната, може подобро да се искористи за изменета реалност, односно за ставање на холограмски „ала снепчет“ филтри на вашето лице.

iPhone X ќе доаѓа со вграден iOS 11, но верзијата во него ќе биде различна од таа на останатите Apple уреди, со цел подобро да се искористи новиот дизајн. Така, од апликација сега ќе се излегува со лизгање на прстот од долниот дел нагоре, брзите подесувања ќе бидат достапни со лизгање на прстот од горниот десен дел надолу, додека нотификациите ќе бидат достапни со лизгање на прстот во горниот лев дел надолу.

Цената на најдобриот iPhone досега ќе биде прилично висока – почетниот модел ќе чини 999 долари, како што беше најавено. Исто така, телефонот нема да биде достапен до 3 ноември, веројатно поради проблем со производство на OLED дисплеите, што исто така беше најавено. Како и да е, според се што има да понуди, не се ни сомневам дека ова ќе биде еден максимално успешен смартфон, кој ќе ги нареди купувачите пред продавниците.

За Авторот

Пасиониран возач на спортски автомобили и длабоко навлезен во светот на автомобилизмот. Редовно ги следи последните случувања во квантната и астрофизиката, а е заљубен во универзумот. Не може да одолее на секое подобро парче хардвер што ќе излезе на пазарот и тогаш обично е залепен за мониторот, читајќи ги сите спецификации и новитети.

Контакт: [email protected]