lg-v20

Ако има еден дел кој се промени оваа година кај паметните телефони од високите класи, тоа се секако двојните задни камери. Покрај новиот iPhone 7 Plus, таква камера имаат и LG G5, LG V20 и Huawei P9, а благодарение на подобрувањата во квалитетот на фотографиите, вакви изведби наскоро би можеле да видиме и во многу други модели.

Во тоа секако ќе помогне Clear Sight двојната камера на Qualcomm, која производителот планира да ја понуди на голем дел производители на Android паметни телефони. На овој начин, самите производители не би морале да трошат пари за развој на квалитетна камера во своите телефони, што може драматично да ги намали трошоците.

Камерата е многу слична во изведбата на онаа од Huawei P9, односно има еден класичен сензор во боја и еден црно бел сензор. Посебни алгоритми потоа ги спојуваат фотографиите од двата сензори и вадат финална фотографија која ќе има поголема острина и контраст, како и помалку шум.

qualcomm-clear-sight

Особено голема предност на овој двоен камера модул ќе биде ноќното сликање, бидејќи црно белиот сензор традиционално вади фотографии со многу помалку шум во темни услови, благодарение на тоа што може да прими повеќе светлина. Ова е всушност и ахиловата тетива на скоро сите паметни телефони – скоро и да нема модел кој вади чиста ноќна фотографија без блиц.

Clear Sight камерата на Qualcomm ќе биде компатибилна само со Snapdragon 820 и 821 чиповите, што значи дека ќе се вградува само во моделите од високите класи. Ова е и логично – спојувањето на слики од два различни сензори бара многу процесорска моќ, која не би можеле да ја понудат послабите чипови на Qualcomm.

Двојната камера на Qualcomm инаку дојде во вистинско време да одговори на двојната камера на iPhone 7 Plus, од која очекувам да биде доста пофалена на рецензиите, особено поради можноста за „оптички зум“. Со овој потег, квалитетни двојни камери би можеле да видиме во многу скоро време во повеќето Android уреди, што е секако одлична вест од која најголем бенефит ќе имаат корисниците.

Извор: Engadget, Gizmodo, Qualcomm

Претходна статијаНовата ракета на Џеф Безос е поголема и помоќна од таа на Елон Маск
Следна статијаWindows 10 Preview Build 14926 донесува “Snooze” опција во Edge и неколку други функционалности