worlds-first-virtual-reality-camera-satellite

Камерите кои можат да снимаат опкружувачко видео од 360 степени веќе се достапни и за корисниците со поплиток џеб, но и покрај тоа, ние сѐ уште немаме пратено таква камера во вселената. Space VR ќе се обиде да го исправи тоа – ова ќе биде првата камера која ќе може да снима видео од 360 степени во вселената и ќе биде лансирана во орбитата уште наредната година.

Оваа камера ќе им овозможи на корисниците ширум светот да се почувствуваат како да се вистински во вселената доколку го гледаат видеото на некој VR уред. Камерата ќе биде поставена во ниска орбита на земјата, што значи дека голем дел од она што ќе го гледате ќе биде токму нашата матична планета, но тоа не ја прави помалку импресивна.

Space VR камерата ќе биде лансирана со помош на SpaceX Falcon 9 ракетата, во CRS-12 мисијата за дополнување со резерви во Интернационалната Вселенска Станица. Камерата инаку е спој на две камери со широк агол поставени спротивно една од друга, а за да може да се одржи во орбита, ќе има систем за контрола на висината, жироскопи за стабилност, радио врска и посебен софтвер кој ќе овозможи лесно контролирање на леталото.

Проектот за лансирање на 360 – камера во вселената од Space VR беше почнат уште во 2015 година преку Kickstarter кампања, но истата не успеа да достигне 500.000 долари колку што беше првично планирано. Сепак, компанијата се обиде повторно со цел од 100.000 долари, која беше постигната, за потоа тие да примат и дополнителни средства од 1,25 милиони од инвеститорите.

Можноста да ја гледаме својата земјина топка и вселената преку нашиот VR уред ќе биде едно навистина интересно доживување, но ова само ги заскокоткува нашите истражувачите во нас – јас веќе почнав да мислам на виртуелна камера на Марс, во орбита околу Јупитер или во длабочините на океанот на Европа.

Извор: The Verge, PC Magazine, IBT

Претходна статијаBrainster & Codepreneurs: 16 неделна академија која ќе те претвори во програмер
Следна статијаiPhone ќе може да ги сними отпечатоците на оние кои сакаат неовластено да влезат во него?