panasonic-mx4-tablet-stylus-press

Јапонскиот производител, кој е најмногу познат по одличните серии на телевизори и клима уреди, веќе подолго време успешно се натпреварува и во сегментот на цврсти и издржливи лаптопи, односно таблети. Најновиот модел MX4 е наменет за оние кои често работат на градилишта, близу до вода и во слични, нималку идеални услови, а има можност да се користи и како лаптоп и како таблет, слично на Yoga серијата на Lenovo.

Главната одлика на MX4 е неговата исклучителна издржливост. Имено, лесно ќе издржи паѓање од висина од 76 сантиметри, како и притисок од 100 kg. Овие импресивни бројки се постигнати благодарение на целосно новиот материјал наречен UHD (да не го збуните со Ultra HD), кој е еден вид легура на магнезиум и јаглерод. Од Panasonic велат дека покрај тоа што е многу цврст, материјалот го краси и ниска маса. Всушност, со тежина од само 1,14 kg, овој 2 во 1 лаптоп може да засрами многу скапи ултрабук компјутери, а не е за потценување ниту неговата дебелина од само 21 милиметар.

panasonic-toughbook-cf-mx4

Големината на екранот е инаку 12,5 инчи, со Full HD резолуција. Нормално, дисплејот може да се работи и со допир, а Panasonic стандардно вградува и пенкалце за цртање, кое може многу да помогне доколку работите со таблетот додека стоите, како на пример за архитектите на некое градежно место. Процесорот е пак од најновата генерација на Intel, Broadwell и тоа моделот Core i5 5300U со брзина од 2,3 GHz, односно 2,9 GHz со “turbo boost”, кој би требало со леснотија да ги заврши сите потешки задачи. Основниот модел ќе доаѓа со 4 GB рам меморија и 128 GB SSD диск, додека ќе биде понуден и модел со 8 GB рам и 256 GB SSD диск.

Бидејќи се работи за професионален модел, Panasonic MX4 доаѓа со цела плејада порти за конекција, како на пример две USB 3.0 порти, HDMI, VGA, LAN, 4G LTE модем и читач за SD картичка. Уште една предност за бизнис корисниците кои повеќето од времето го поминуваат надвор е и траењето на батеријата со едно полнење до 13 часа, што е бројка достојна за почит, а како ретко кој друг лаптоп, батеријата може да се смени без да се изгаси лаптопот, нормално доколку купите резервна. Инаку, веројатно веќе претпоставивте, Panasonic MX4 доаѓа со вграден Windows 8.1 Pro оперативен систем, кој ќе има бесплатна надградба на Windows 10.

CF-MX4-970-80

Барем според тоа што Panasonic ни го ветува, овој хибрид на лаптоп и таблет се чини скоро и да нема слабости. Лесен, многу издржлив, брз и многу функционален и употреблив. А секако, таквите производи секогаш имаат повисока цена во однос на другите, па така, Panasonic MX4 чини 1504 фунти на британскиот пазар, односно во превод 2100 евра.

Извор: Windows Central

Претходна статијаFacebook Messenger воведе видео повици
Следна статијаАвтономно летало управувано од мозок на пчела