lumix-gx8

Lumix камерите од micro 4/3 гамата на Panasonic се исклучително популарни, пред се благодарение на големата брзина и можноста за снимање квалитетно видео, покрај веќе стандардно добрите фотографии. Отсега, со надградба на софтверот на некои од моделите, корисниците ќе можат и да фокусираат откако ќе фотографираат со помош на Post Focus.

Досега, ваква можност имаше во неколку смартфони, а најпопуларни се Lumia телефоните со Refocus апликацијата, како и HTC One M8, кој за ова имаше две камери во задниот дел. Сепак, најуспешна ваква камера е Lytro, која има целосно различен сензор за фотографирање. Овој сензор овозможува сликање на сликата инстантно, за разлика од решенијата кај смартфоните, каде или телефонот треба да слика повеќе фотографии (Lumia) или треба да има две камери.

Софтверот кој ќе биде вграден во Panasonic GX8, G7 и FZ330 (последниот не е micro 4/3, туку обичен суперзум апарат), ќе биде сличен на оној од смартфоните. Имено, благодарение на моќниот процесор, фотоапаратот всушност снима 4K видео со 30 слики во секунда и за цела должина на видеото, го менува фокусот од најблизу, до најдалеку. Вака, после 1-2 секунди сликање, корисникот има на располагање фотографија на која може да ја избере фокусната точка, а ќе има избор од 49 фокусни должини.

play

Ова дефинитивно помага кога сакате да имате перфектно фокусирана фотографија – апаратите не ретко знаат да фокусираат онаму каде вие навистина и не сакате. Сепак, системот има ограничувања и тоа не мали – фотографиите сликани на овој начин ќе имаат само 8 мегапиксели, наспроти 16 мегапиксели за стандардните фотографии.

Интересно, добивањето на надградби за корисниците на камерите на Panasonic не е никаква новост. Имено, досега производителот вметна многу нови функции во моделите само со софтверска надградба, каква што е и оваа. Исто така, моделите од GH серијата се познати по тоа што може да им се инсталира и „хакнат“ софтвер од други дивелопери, кој дополнително ги отвора можностите на камерата, како на пример забавено снимање или снимање со 4K без компресија.

Како и да е, последната надградба секако дека нема да привлече многу професионалци – наменета е пред се за аматерските корисници и веројатно е вметната како причина повеќе да се префрлите на Panasonic Lumix фото апарат.

Извор: DPReview, TechRadar, Peta Pixel

Претходна статијаЧленовите на Windows Insider програмата, отсега ќе може да помогнат и со дизајн на нов уред
Следна статијаNeyya – Прстен со кој можете да контролирате други уреди