ff-tv_01

Веројатно имате прочитано за Firefox OS, оперативниот систем од Mozilla кој се базира на отворени и модерни стандарди како HTML5, CSS, Javascript и слично. Тој е се` уште во почетните фази на својот развиток но веќе има демонстрација на концепт со разни телефони како Samsung Galaxy, Sony Xperia, Huawei Ascend, Nexus 4, 5 и 7.

Поради неговата сличност со Android тој може релативно лесно да се инсталира и користи на уреди кои се наменети за Android, некогаш барајќи мало, а некогаш големо прилагодување. Од Mozilla секако сакаат нивниот оперативен систем да се рашири што повеќе и да се користи на што повеќе места, па така во таа насока стигнуваат новите информации кои кажуваат дека Panasonic ќе го вгради Firefox OS во 2015 серијата на нивните Life+ телевизори.

Телевизори со оперативен систем наменет за други уреди не се појавуваат за прв пат кај Panasonic. Пред нив LG имаше сличен концепт со WebOS. Новите телевизори на Panasonic ќе имаат одлично и динамично корисничко опкружување кое ќе може да се управува со далечински управувач, но и со некој друг преносен уред како телефон, таблет и слично. На самиот телевизор ќе можете да прегледувате електронска пошта, содржини од Интернет, па веројатно дури и да го пренесете екранот од вашиот преносен уред или некоја негова содржина, нормално покрај стандардната опција за гледање телевизија.

Иако се` уште се работи за модели во изработка и за нив Panasonic не претстави многу примероци, сепак постои видео каде што можете да забележите демонстрација на Firefox OS на еден од овие телевизори и како тој ќе изгледа и работи.

Mozilla работи и на стик во стилот на Chromecast кој може да се смести во телевизорот и да прикажува дигитални содржини, наречен Matchstick. Изгледа дека Firefox OS има шанса да се рашири на пазарот на потрошувачка електроника бидејќи ја знаеме репутацијата на Mozilla со нивниот Firefox прелистувач и со нивната посветеност кон Интернет стандардите и отворениот софтвер. Со тоа Firefox OS може да стане втората платформа базирана на Linux (после Android) која би влегла во мејнстримот на потрошувачката електроника, што секако е за поздравување.

Извор: Liliputing, The Verge

Претходна статијаSharp претстави прототипи на LCD екрани со произволна форма
Следна статијаL.Y.N.X. 9 – Модуларен гејминг контролер кој се прилагодува на секоја ситуација