Непреспаните ноќи се проблем за сите родители кои имаат мало бебе, проблем кој досега беше невозможно да се реши. Сепак, според нов патент, Nest работи на паметно креветче за бебиња, кое има неколку можности што можат да го направат родителството многу полесно.
Да потсетиме, Nest е компанијата која стои зад познатите паметни термостати, кои за жал не успеаја на пазарот. Компанијата е сега во сопствеништво на Google/Alphabet и би требало да го прошири своето учество на пазарот кон нови паметни уреди за домот. Креветчето за бебиња ќе биде веројатно првиот производ, кој според патентот и можностите, не би требал да е далеку од лансирање на пазарот.
Паметното креветче има за цел да им помогне на родителите полесно да се справат со чувањето на своето бебе, но и да му го направат животот на бебето поубав. На пример, доколку бебето се разбуди во текот на ноќта или порано од родителите, паметното креветче може автоматски да пушти песни за заспивање или пак да пушти интересни видеа и цртани доколку бебето плаче.
Специјални сензори ќе го чуваат и здравјето на бебето – тие ќе можат да детектираат дали бебето кива, кашла или повраќа, а можат дури да оценат и дали пелените се спремни за менување. Креветчето има и специјален механизам за заклучување, со кој ќе бидете сигурни дека бебето нема да може само да излезе од креветот.
Сето ова делува навистина напредно и реално би можело да биде од помош, но од друга страна би можело да направи уште полоши родители од нас. Паметно креветче дефинитивно нема да може да го замени допирот и гушкањето на мајката/таткото, нели?
Извор: The Next Web, Engadget, CNET