Уште откако паметам за себе, Јапонија беше земјата во која се беше понапред од останатите земји во светот, каде иднината беше сегашноста. Во последниве неколку години им беше одземен тронот од Кина, Јужна Кореја и САД, за некои од технологиите, но тие наскоро повторно ќе се вратат на врвот – ќе го направат најбрзиот супер компјутер, кој ќе се користи за истражувања со вештачка интелигенција.

Поточно, тие со овој компјутер сакаат да бидат водечки во светот на ова поле, а за да го постигнат тоа, оваа гигантска супер машина ќе може да направи вртоглави 130 квадрилиони пресметки во секунда, односно ќе има моќ од 130 petaflops. Како споредба, моментално најмоќен супер компјутер е кинескиот Sunway TaihuLight, кој има пресметковна моќ од 93 petaflops.

Уште една интересна споредба – за пресметката која ќе ја направи овој компјутер за еден ден, на вашиот домашен десктоп ќе му требаат дури 3.000 години, односно овој е околу еден милион пати побрз. Од друга страна, неговите димензии ќе бидат огромни – тој ќе зафаќа простор колку еден паркинг за 30-40 возила, односно околу 1.000 метри квадратни. Ауч.

Јапонскиот супер компјутер ќе биде наменет за AI Bridging Cloud Infrastructure (ABCI) клауд инфраструктура со вештачка интелигенција и ќе биде лансиран во април 2018 година. Јапонците планираат да го користат за роботика (нормално), подобрување на перформансите на автономните возила, но и развој на вештачка интелигенција, односно таканареченото „длабоко учење“.

Извор: CNN, University Herald

Претходна статијаFirefox 54 ветува значително зголемување на брзината на прелистувачот
Следна статијаЗа 250 долари месечно, можете да пресретнувате SMS пораки и повици?