dell-inspiron-20-2

За сите оние кои не сакаат премногу кабли на масата, односно не сакаат големо куќиште под неа, тука се „се во едно“ компјутерите, кои ги имаат сите компоненти вградени во мониторот. Dell претстави два нови вакви модели, кои за разлика од тоа што сме навикнале досега, имаат многу пониска цена и се реално достапни дури и за оние со поплиток џеб.

Секако, ниската цена значи дека нема да бидат којзнае колку моќни, но за стандардно сурфање и работење со Office документи, се сигурно доволно добри. Процесорите се од Braswell серијата на Intel, односно Celeron N3150 и Pentium N3700, a кај поголемиот модел, купувачите можат да изберат и AMD процесори и тоа од 6-тата генерација, со четири јадра и вградена моќна графика од R серијата на производителот.

И двата компјутери ќе можат да се персонализираат во многу различни конфигурации, па така, може да се избере меѓу 2, 4 и 8 GB рам меморија, 500 GB или 1 TB простор за складирање податоци, како и можност за вградување графичка картичка. Ќе бидат достапни и панели со можност за допир, како и такви без можност за допир. Поврзливоста ќе биде целосно покриена, со две USB 2.0 и две USB 3.0 порти, читач на мемориски картички, Bluetooth и Wi-Fi, додека и двата модели доаѓаат со стерео звучници.

dell-inspiron-24-1

Разликата меѓу двата модели е главно во големината и резолуцијата на дисплеите. Помалиот, Inspiron 20, има големина на дијагоналата од 19,5 инчи и резолуција од само 1600х900 пиксели, додека поголемиот Inspiron 24, има големина од 23,8 инчи и Full HD резолуција од 1920х1080 пиксели.

Цената на уредите започнува од 330 долари за помалиот компјутер, односно 480 долари за поголемиот. И двата модели ќе бидат понудени со Windows 10, но ќе има и модели кои ќе бидат опремени со Ubuntu оперативниот систем, базиран на Linux. Првите парчиња може да се очекуваат во Октомври.

Извор: Windows Central

Претходна статијаMicrosoft претстави микро компјутери со Windows 10, големи колку адаптер
Следна статијаSoundHound претстави сопствен персонален асистент наречен Hound