Chromebook copy

Иако имаа трнлив старт, лаптопите со Chrome OS оперативниот систем на Google годинава доживеаја особен раст на продажбата, која во САД дури ја надмина и онаа на супер популарните MacBook на Apple.

Причините за ова се едноставни – лаптопите со Chrome OS се исклучително евтини. За разлика од лаптопите на Apple, кои не можат да си ги дозволат повеќето луѓе, Chromebook моделите се буквално направени со идејата „лаптоп за сите“. Моментално, најевтините модели се движат и околу 150 долари.

Покрај тоа, според информациите од IDC, растот на продажбата најверојатно се однесува на лесното менаџирање на овој оперативен систем, што го прави особено погоден за школите, па претпоставка е дека токму тие имаат поголем дел од колачот на продажба на Chromebook лаптопи.

Во наредниве неколку месеци се очекува дополнително покачување на продажбата на Chromebook лаптопите, благодарение на најавата дека Google ќе почне да го вградува Play Store во овој оперативен систем, со цел на него да се користат Android апликации.

Бројките инаку велат дека во првото тримесечје од годинава, Apple има испорачано 1,76 милиони MacBook лаптопи, додека Dell, HP и Lenovo заедно имаат продадено преку 2 милиони Chromebook лаптопи. Од компаниите, во САД најмногу продава Dell, пред HP, Lenovo и Apple, додека на светско ниво Lenovo води пред HP, Dell, Apple и Asus.

Вкупно, продажбата на лаптопи продолжува да опаѓа, за што покрај паметните телефони, удел имаат и 2 во 1 уредите, кои имаат за цел да ги заменат таблетите и лаптопите.

Извор: Cult of Mac, The Verge, IDC

Претходна статијаLenovo најавува нов Motorola RAZR телефон?
Следна статијаРаст на продажбата на паметни телефони, пазарниот удел на Android и голем пад на Windows Phone