03-Featured-Photos_CY_Final

Facebook оваа недела најави неколку промени кои што треба да го освежат корисничкото искуство на социјалната мрежа, односно да го воведат наредниот чекор во еволуцијата на профилите, како што истакнуваат од компанијата.

Промените нема да можете веднаш да ги видите и испробате затоа што тие моментално се тестираат на помала група на корисници во Британија и Калифорнија, но истите ќе биде воведени за сите корисници во периодот што следи.

Главната и можеби најинтересната промена е можноста за поставување на краток видео клип на местото на вашата слика на профилот. Видеата ќе бидат ограничени на најмногу 7 секунди, а исто така ќе бидат автоматски пуштани од почеток цело време. Со тоа тие може да се каже и дека ќе потсетуваат на популарните gif слики.

Можноста за поставување на видео ќе биде по избор, односно корисниците ќе можат да ја задржат својата статична слика.

Видеото ќе може едноставно да се сними, а Facebook акцентот го става на компатибилноста на сите новини со мобилните. При промената на сликата на профилот, ќе биде додадена можноста за снимање на краткиот видео клип.

02_Temporary-Profile-Pic_Vacation

Втората промена која што е исто така поврзана со сликите на профилите веќе беше најавена пред неколку недели. Се работи за можноста за поставување на привремени слики на профилите кои што ќе имаат „рок на траење“. Со други зборови, при поставувањето на слика на профилот, ќе биде додадена можноста истата да биде тргната после одреден период, а со тоа да се врати претходната.

Оваа можноста е направена поради популарноста на промената на сликите со цел давање поддршка на одреден настан или верување. Пример за такви популарни промени во сликите беше додавањето на виножито за поддршка на исто половите бракови, а кај нас можеа да се видат промени за време на протестите против полициска бруталност.

Со оваа можност, Facebook ќе им овозможи на корисниците да почесто ги менуваат своите слики во вакви ситуации, без потреба да мислат кога истите да ги променат за да не останат подолго од самиот настан.

Facebook исто така ќе воведе и редизајн на профилите на мобилните уреди. Главната промена ќе биде сликата, која што ќе биде поставена на централно место, наместо досегашното лево, а исто така таа ќе биде поголема.

По главната слика, променети ќе бидат и работите кои што се прикажуваат. Поголем акцент ќе биде ставен на сликите на профилот што го гледате, како и пријателите. Ова од Facebook истакнуваат дека е направено врз основа на истражување што е тоа што корисниците најчесто го гледаат кога отвораат одреден профил.

Корисниците на своите профили ќе можат да додадат и кратка биографија, која што ќе биде прикажувана под нивната слика. Ова би можело да се спореди со стилот кој што се користи на Twitter, каде што корисниците се опишуваат себеси во една реченица.

Промените можете да ги погледнете и на следното видео направено од страна на Facebook.

Извор: Facebook

Претходна статијаGoogle го претстави редизајнираниот и побрз Chromecast
Следна статијаTinder Super Like достапен за сите корисници
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.