facebook-reactions-1

Веќе подолго време се дискутира околу можноста Facebook да понуди нешто повеќе од Like копчето за корисниците. Иако повеќе корисници бараа Dislike копче, дека тоа нема да се случи можевме да прочитаме во неколку наврати.

Во основа, од Facebook сметаат, а сигурно и се во право, дека воведувањето на копче негативно како дислајк, би предизвикало негативни реакции од тие што го добиваат, што на крај би резултирало со најлошото нешто што може да и се случи на оваа социјална мрежа, помалку време да поминувате на неа.

При крајот на минатиот месец беа најавени Facebook Reactions, односно Фејсбук Реакции, коишто ќе ја прошират функционалноста на лајк копчето. Овие реакции од денеска се официјално достапни и можете да ги користите на Android, iOS и преку веб, а истите ги вклучуваат љубов, хаха, wow, тага и лутина, односно love, haha, wow, sad и angry.

За да изберете некоја од реакциите се што треба е подолго да притиснете и задржите на лајк копчето на мобилните апликации или да поминете и почекате врз лајк копчето на веб. Реакциите ќе се појават со мала анимација, па како и досега со едноставен клик ќе можете да изберете која ја сакате.

На местото каде што досега беа истакнати бројот на лајкови, сега ќе бидат прикажани сите други избрани реакции, како и луѓето коишто притиснале како и досега. Доколку сакате точно да видите кој пријател на што притиснал, можете како и досега да притиснете на имињата, па во листата којашто се појавува сега до секоја слика ќе биде истакната и притиснатата реакција.

Овие реакции досега беа тестирани во Ирска и Шпанија, а две од нив дури беа тргнати од денеска претставените. Корисниците реакциите треба да ги користат за ситуациите кога лајк не го кажува тоа што би сакале, односно за ситуациите кога лајк едноставно не е прикладно да се притисне.

Извор: Facebook

Претходна статијаПретставен Xiaomi Mi 5 – Новиот знаменосец има супер моќни компоненти и керамичко тело
Следна статијаXerox ќе се раздвои на две посебни компании после сеопфатната анализа на портфолиото на компанијата
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.