Microsoft пред некоја година планираше да го прекине развојот на Skype, очекувано со оглед на значењето кое го даваат на Teams апликација која доби и бесплатна верзија за приватните корисници.

Сепак, корона кризата и огромната популарност која ја добија видео повиците направи да од компанијата се премислат, па минатата година најавија и дека апликацијата ќе добива нови функции.

Мобилната апликација изминатите години доби повеќе промени на дизајнот правејќи го Skype многу помодерна апликација во споредба со постариот изглед.

Сега апликација, мобилната верзија, повторно добива одреден редизајн, односно може повеќе да се нарече надоградба на постојниот.

Корисниците ќе можат да изберат од дополнителни бои, односно теми, кои сега ќе се прикажуваат на горниот дел од апликацијата, не само како нијанси на разговорите. Овие бои ќе се гледаат без разлика дали е вклучена светлата или темната тема.

Дополнително, поголем редизајн имаат добиено илустрациите кои се прикажуваат при вклучување на апликацијата, како при нејзино прилагодување, а „третман“ имаат добиено и анимираните емотикони.

Што е уште поважно кај Skype, од Microsoft истакнуваат дека е работено и на перформансите на апликацијата, нешто што остана како мал проблем од порано.

Skype на мобилните добива подобрено искуство при видео повици, односно ги добива функциите од десктоп верзијата на апликацијата, а исто така добива можност за повици со 100 луѓе до 24 часа. Навистина многу и не сме сигурни дали има некој кој ги користи ваквите можности кај овие апликации.

Во периодот што следи Skype ќе добие и нов дел наречен Today преку кој корисниците ќе можат да ги читаат нивните најнови вести. Ова е нешто што Microsoft почна да го вклучува во многу од нивните производи, па достапно е на почетната страна од Edge, во делот за виџети во Windows 11, а има и посебна апликација.

ИЗВОРWindows Central
Претходна статијаOppo го претстави Find N2 како најлесниот уред на хоризонтално преклопување
Следна статијаЗаштитете ги вашите податоци лесно, сигурно и ефикасно со само едно интегрирано решение
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.